Википедија, најголемата слободна енциклопедија на интернет, постои благодарение на илјадници волонтери кои ја уредуваат и надополнуваат со нови информации секојдневно. За да се поттикне учеството на нови уредници и да се развива културата на слободно знаење, постојат Вики клубовите каде групи на ентузијасти заеднички учат, истражуваат и придонесуваат кон подобрување на содржините на Википедија.
Во Македонија, Вики клубовите играат важна улога во збогатувањето на Википедија на македонски јазик со нови, квалитетни и веродостојни статии. Еден од најактивните клубови е Вики клубот во Велес, кој со години служи како центар за младите кои сакаат да научат како да уредуваат на Википедија и како нивниот труд може да придонесе за пошироката заедница.
На 20 февруари 2025 година, Вики клубот во Велес го прослави својот петти роденден со свечена прослава што се одржа во Медиотеката на Градската библиотека „Гоце Делчев“. Настанот започна во 14 часот и присуствуваа 20 учесници, меѓу кои членови на клубот, поддржувачи, пријатели и гости кои го следат развојот на клубот од неговото основање.
Свеченоста ја отвори Снежана Штрковска, извршен директор на Викимедија МКД, која зборуваше за значењето на Вики клубовите во развојот на слободното знаење во Македонија. Таа истакна дека овие клубови не само што помагаат во збогатување на Википедија туку и го поттикнуваат критичко размислување, истражувачки дух и тимска работа. По неа, зборуваше Лили Арсова, координатор на Вики клубот во Велес, која воедно и беше организатор на настанот и направи краток преглед на историјатот на клубот, неговите активности и постигнати успеси. Таа нагласи дека клубот низ годините успеал да внесе голем број нови членови, кои со своите уредувања значително ја збогатија Википедија на македонски јазик. Покрај тоа, напомена дека клубот организирал бројни работилници, натпревари и едукативни настани кои придонеле за развојот на дигиталната писменост кај младите.
Еден од најсвечените моменти на прославата беше секако роденденската торта, симбол на посветеноста и ентузијазмот на членовите на клубот. Во пријатна атмосфера, присутните имаа можност да се потсетат на изминатите успеси и да разменат идеи за идни проекти и активности.
Петгодишнината на Вики клубот во Велес не е само повод за славење, туку и можност за рефлексија и поставување нови цели. Во иднина, клубот ќе продолжи да работи на проширување на своето членство, организирање едукативни настани и мотивирање на што повеќе луѓе да станат дел од глобалното движење за слободно знаење. Со досегашните резултати и посветеноста на членовите, Вики клубот во Велес е пример за успешен проект кој покажува како волонтерската работа и љубовта кон знаењето можат да донесат позитивни промени во општеството.
Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.