Втора Викиекспидиција за 2024 година – долините на реките Бабуна и Тополка

Викиекспидициите“ продолжуваат со истражување на Македонија и збогатување на содржините на Википедија. Проектот има за цел да помогне во подобрување на постоечките и создавање на нови статии за градовите, селата, географските области и особености во областите низ целата територија на Македонија.

Во периодот од 7 до 9 јуни 2024 нашиот тим на Википедијанци ја одржа втората Викиекспидиција за 2024 година. Овој пат предмет на истражување беа долините на реките Бабуна и Тополка.

Првиот ден експидицијата започна во селото Ореше, каде што беше посетена и фотографирана гробишната црква „Св. Јован“. Потоа тимот се упати во соседното село Папрадиште, каде што беа фотографирани Марково Стопало и малата црквичка „Св. Никола“. Потоа селото Нежилово кое е речиси напуштено село и во него се останати само уште неколку куќи и главната селска црква „Св. Илија“. По овие три планински села, тимот се спушти во во поранешното општинско седиште Богомила, од таму во селото Бистрица каде што беше фотографирано железничкото стојалиште „Бистрица“. Прекрасно искуство беше посетата на селото Согле и познатиот манастир Согле каде што Википедијанците беа пречекани од монахињата Вероника  која ги прошета низ целиот манастир, кој моментално се обновува. Иститот ден беа посетени селата: Теово, Габровник и Оморани.

Вториот ден тимот најпрво се упати во селото Извор, а потоа  селото Владиловци, каде што беше фотографирана селската црква и манастирот „Св. Ѓорѓи“ над селото. Воедно, тимот беше и во историското село Јасеново, каде што исто така беа направени прекрасни фотографии. На крајот на оваа експедиција беа посетени селата  Горно и Долно Јаболчиште, кои се најголеми во општината Чашка и до кои има асфалтен пат. На враќање од нив тимот отиде и до селото Дреново, како и до историски познатото село Горно Врановци, во кое помина доста време за да ги фотографира сите знаменитости, зачуваните спомен-куќи, стариот хотел и селската џамија.

Крајниот исход на оваа Викиекспидиција беа посета и фотографирање на 9 нови села, 10 повторно посетени, 1 историско село и поминати над 600 километри.