Визија и мисија на Викимедија МКД
Викимедија МКД е непрофитно, невладино и непартиско здружение, чија главна цел е прибирање, умножување и споделување на слободни содржини, исклучиво на непрофитен начин, како и промоција на идејата дека сите луѓе треба да имаат еднаков пристап до знаењето и образованието. Службено започнува со работа од 1 јануари 2024 година со спојување на двете невладини организации ГЛАМ Македонија и Споделено знаење.
Општа цел на здружението
Целта на Здружението е да се занимава со следниве активности:
- Пропагирање на идејата за создавање, прибирање и умножување на слободни содржини на Интернет, како и управување и располагање со средствата наменети за таа цел. Фокусот на интерес лежи на неколку меѓународни проекти на Викимедија.
- Умножување и поддршка на умножувањето на слободни содржини во дигитална, печатена и други форми со акцент на содржината на меѓународните проекти на Викимедија.
- Прибирање, објавување и умножување на информации, како и односи со јавноста кои се поврзани со слободни содржини и проекти на Викимедија преку организирање на настани и публикување информативна литература.
- Создавање врски меѓу проектите на Викимедија и институциите од ГЛАМ секторот, односно галерии, библиотеки, архиви и музеи во Македонија, и сродните на нив институции.
- Организирање на активности поврзани со Википедија во образовните институции низ Македонија.
- Доделување на стипендии.
- Негување и промовирање на македонскиот литературен јазик и правопис.