За прв пат Викимедија МКД го одбележува Меѓународниот ден на џезот – 30 април. Џез музиката, како една од поголемите музички правци, својата популарност ја има насекаде во светот, а македонската џез заедница и љубителите на овој музички правец добија уште еден настан во Скопје со кој се одбележа овој ден.
Со почеток од 17:00 часот на 30 април 2024 година Викимедија МКД организираше забавно-уредувачки настан во бифе „Тафталиџе“ во Скопје. Настанот беше замислен и организиран да има и забавен и уредувачки карактер. Следствено на тоа, Викимедија МКД ги повика сите свои членови, поддржувачи и активисти, како и сите љубители на џезот кои можат да одвојат дел од своето време, да дојдат на заедничка дружба со џез музика. Притоа, сите присутни лица кои заедно уживаа во звучите на џезот, дадоа свој придонес и на Википедија на македонски јазик. Повикот за придонес на нови статии и содржини поврзани со џезот траеше преку целиот ден, кога сета македонска вики-заедница имаше можност да напише статија поврзана со џезот.
Денот на џезот кој се одбележа во Скопје помина во фантастично пријатна атмосфера, одлична дружба, голем број нови статии и подлабоко проучување на џезот и неговата магија. На самиот настан во Скопје присутни беа 25 лица – членови, волонтери и поддржувачи на Викимедија МКД и љубители на џезот. Во опуштена и релаксирачка атмосфера нашата заедница се приклучи кон глобалните прослави по повод Меѓународниот ден на џезот. Дополнително, Википедија на македонски јазик се стекна со 29 нови статии поврзани со џезот, со што енциклопедијата доби нови одлично сработени содржини и информации.
Сакаме да ви ја доловиме атмосферата преку фотографски материјал, каде џезот беше во фокусот на вниманието на секое лице коe дојде да се дружи со звуците на саксофонот.