Во денешниот свет, исполнет со брзи промени и нови технологии, образованието станува повеќе од обичен пренос на знаења. Се појавуваат нови платформи и начини на учење кои не само што го зголемуваат знаењето на учениците, туку и ги учат на практични вештини кои ќе им бидат корисни низ целиот живот. Еден таков проект е Вики клубот, иницијатива која ги ангажира младите умови да станат активни учесници во создавањето и збогатувањето на содржините на Википедија на македонски јазик. Овој клуб е место каде што младите, под водство на посветени наставници се вклучуваат во волонтерска работа која е од непроценлива вредност за македонската образовна и културна сцена.
Наташа Неданоска, професорка во ООУ „Кочо Рацин” во Охрид е поддржувач на оваа иницијатива која ја гледа како можност да им пренесе на своите ученици знаења за пишување статии, критичко размислување, информации и истрајност. Таа во интервју за Викимедија МКД изјави дека за да се вклучи во Википедија била водена од длабок патриотизам и желба да го збогатува знаењето на македонски јазик. Со текот на времето, нејзината мотивација растела и се развивала, и решила да го пренесе ова знаење на новите генерации, на учениците.
ВМ МКД: Што ве привлече за да се вклучите и да водите Вики клуб и што ве мотивираше да почнете да се занимавате со овој проект?
- Наташа Неданоска: Во нашето училиште Вики клуб постои над 12 години т.е. откако сум јас вработена во него! Знаењето што го понесов од првиот вебинар за уредување на Википедија на македонски јазик и искуствата што ги стекнав како професор во средно училиште, водејќи и таму Вики клуб, ги пренесов во моето сега матично училиште. Првичниот мотив беше силно родољубив, да се збогатува Википедија на македонски јазик. Базичниот мотив остана, но се родија уште многу други, но еден од поважните беше и сè уште е- да го пренесувам своето знаење за уредување на идните генерации, да оспособувам ученици да уредуваат на Википедија.
ВМ МКД: Кои се најголемите придобивки што ги гледате од водење на Вики клубот?
- Наташа Неданоска: Самото име, Вики клуб, кажува дека станува збор за дружба, за чувство на припадност, за развивање на еден друг тип на пријателства. За мене ова е еден корисен волонтеризам, чувство на правење добро дело, навидум невидлив придонес кон заедницата кој има повеќеслојни придобивки- паметно искористено време, користење на знаењата и ресурсите во добри цели, практикување новинарство и објективно расудување, одговорност кон сработеното и многу други.
ВМ МКД: Какво влијание сметате дека Вики клубот има врз учениците?
- Наташа Неданоска: Човек најповеќе ужива во она што сам ќе го сработи, па така и кај учениците се раѓа чувство на задоволство кога нешто повеќе научиле, а при тоа и нешто повеќе од очекуваното сработиле. Тука суптилно се провлекува влијанието на македонскиот јазик и ненаметливото јакнење на родољубието. Учениците стануваат посвесни и поодговорни, стануваат поемпатични и поистрајни.
ВМ МКД: Што би им препорачале на наставниците кои размислуваат да се вклучат во водење на Вики клуб или ваше размислување за крај?
- Наташа Неданоска: Ги охрабрувам наставниците да земат учество во караванот семинари за наставници за уредување на Википедија на македонски јазик и вовед во образовниот систем. Оттука, со споделување на лични примери и успеси на координаторите на Вики клубовите ширум земјава, ќе добијат инспирација и тие да станат дел од оваа успешна заедница. Што и да започнат, не се сами, тука е поддршката од тимот која несебично се вложува во секој од нас. Понатаму, се отвараат нови видици и уредувачки хоризонти. Ве очекуваме 😊
Истражете го светот на волонтерството и создавањето на слободни содржини за целата поширока македонска јавност. Приклучете се во активностите на Викимедија МКД и запознајте се со сосема нов академско-образовен свет. Доколку сте заинтересирани контактирајте нè на тел број: 078 455 549 или на obrazovanie@wikimedia.mk