Нова соработка и нови содржини, овој пат со МЗМП

Викимедија МКД остварува нови контакти и нови соработки сè со цел идеите и целите на здружението да допрат до што поголема маса на луѓе и организации. Новата соработка на Викимедија МКД овој пат е со Македонско здружение на млади правници (МЗМП) од Скопје – организација со сериозен карактер, богата програмска содржина и членови.

На 23 април 2024 година во просториите на Македонското здружение на млади правници беше организиран настан чија основна цел беше обука на вработени и членови на Здружението. Настанот беше составен од два дела, односно теоретско предавање за основните начела и принципи на Википедија, а вториот дел почетно уредување на Википедија на кое му претходеше отворање на кориснички сметки на самата Википедија.

Настанот беше започнат во 10:00 часот во просториите на Македонско здружение на млади правници. Извршниот директор на Викимедија МКД, Снежана Штрковска, го отвори самиот настан при што ги претстави основните функции и начела на Википедија во однос на функционирањето на енциклопедијата, нејзиното уредување и одржување на веродостојноста на содржините. По овој теоретски дел, следуваше отворање на нови сметки на учесниците на настанот, воведна обука и придонесување на содржини на Википедија. Така, 9-те учесници на настанот отворија свои кориснички сметки и објавија содржини на Википедија на македонски јазик на тема „право“.

 

Покрај обуката која учесниците ја добија со овој настан, Википедија се стекна со нови 9 корисници, а воедно и со нови 9 статии од областа на правото.

Ви пренесуваме дел од атмосферата на настанот одржан во Скопје на 23 април 2024 година.