Стремежот на Викимедија МКД да обучи што повеќе луѓе да уредуваат на Википедија на македонски јазик е една од главните цели на организацијата. Преку разните активности и проекти, Викимедија МКД не само што се труди да ја збогати содржината на македонската Википедија, туку и се стреми да оформи големо волонтерско тело кое ќе делува како еден тим кон остварувањето на целите на движењето Викимедија.
Конференциите за наставниците се едни од проектните активности на Викимедија МКД преку кои наставен кадар добиваат обука за користење на Википедија и насоки и подучувања како истата таа енциклопедија да се користи во образовниот процес. Така, на 9 јули 2024 година Викимедија МКД одржа конференција за наставници во ООУ „Страшо Пинџур” во Скопје. Оваа конференција беше посетена од 15 учесници, наставен кадар на училиштето кој пројави силна желба за користење на Википедија, како средство за наставни цели, така и како место каде се создаваат нови слободни содржини. Конференцијата започна во 9 часот во просториите на училиштето. Самата конференција беше составена од два дела, теоретски дел и практична работа или обука за правилно користење на Википедија.
Конференцијата ја започна Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма при Викимедија МКД, која одржа воведен говор пред учесниците на конференција. Филиповиќ ги запозна учесниците со својата работа и за достигнувањето на вики клубовите кои функционираат во рамките на здружението. По неа, се обрати Николче Стојаноски, претседател на Викимедија МКД кој ги запозна учесниците со идеите за креирање и споделување на слободни содржини достапни за сите, првенствено преку користењето на проектите на Викимедија. Кон крајот на првиот дел се обрати Снежана Штрковска, извршен директор на Викимедија МКД која ги запозна учесниците за самата енциклопедија, како функционира Википедија, кои се придобивките од употребата на Википедија како наставно средство и како правилно да се користи Википедија како информативен извор за точни и потврдени информации.
По паузата, следеше вториот дел од конференцијата. Овој дел всушност беше обука и начелно уредување на Википедија како еден од најголемите проекти на Викимедија. Учесниците, потпомогнати од организаторите, беа обучени и упатени како успешно да создадат корисничка сметка на Википедија. Дополнително, беа запознаени со основните принципи и начела на уредување на Википедија и беа запознани со начинот на започнување, уредување и објавување нови содржини.
Конференцијата помина во пријатна и работна атмосфера. Учесниците беа заинтересирани за начинот на работа на Википедија, но и можностите кои постојат за употреба на енциклопедијата како еден од наставните средства во образовниот процес во Македонија. Направени беа вкупно 15 нови кориснички имиња и напишани 5 нови статии. Дел од атмосферата ви ја доловуваме преку фотографски материјал кој може да се погледне на следната врска.