Викимедија МКД редовно организира уредувачки маратони со цел поттикнување на младите да се вклучат во создавање и споделување слободно знаење преку Википедија на македонски јазик. Преку овие настани, учесниците имаат можност да научат како се пишуваат и уредуваат енциклопедиски статии, да се запознаат со принципите на Википедија, и истовремено да стекнат нови знаења од различни области.
На 8 мај 2025 година, Викимедија МКД организираше специјален уредувачки маратон наменет за ученици од Вики клубот од СУГС Гимназија „Јосип Броз-Тито“ од Скопје. Вкупно учествуваа 10 ученици под менторство на професорката Ирена Трајковска Стерјовска. Настанот беше посветен на темата за кучињата и имаше за цел да ја подигне свеста за односот кон животните, како и да поттикне активно граѓанско учество преку едукација и пишување статии.
Како дел од активностите, учениците го посетија Јавното претпријатие „Лајка“ – стационарот за бездомни кучиња во Скопје. Таму кратко предавање одржа Столе Велковски, вработен во институцијата и учениците имаа можност да се запознаат со работата на оваа институција, да видат како се згрижуваат и третираат кучињата, и да поразговараат со персоналот за секојдневните предизвици и значењето на хуманото постапување со животните. Посетата беше едукативна, но и емоционална, бидејќи учениците одблизу се сретнаа со кучиња кои моментално се наоѓаат под грижа на стационарот.
По посетата, беше одржан уредувачкиот маратон, каде што учениците, со поддршка менторите на Викимедија МКД, работеа на креирање и уредување статии на Википедија поврзани со познати кучиња на Википедија и слични теми. На тој начин, тие директно придонесоа кон зголемување на квалитетот и обемот на содржините достапни на Википедија на македонски јазик. Вкупно беа напишани 11 статии.
Настанот претставуваше одлична можност учениците да ја комбинираат теоријата со пракса, да научат нешто ново и притоа да направат корисен придонес за заедницата. Ваквите активности покажуваат како соработка меѓу образовните институции и невладиниот сектор може да резултира со значајни едукативни и општествени придобивки.
Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.