Истражувањето на македонските природни убавини, културно-историски споменици и рурални места претставува важна мисија за зачувување на нашето наследство, а викиекспедициите на Викимедија МКД претставуваат уникатен проект кој спојува истражување, документација и споделување на знаењето за богатото природно и културно наследство на нашата земја. Со љубопитност и посветеност, нашите истражувања на малку познати села и значајни историски објекти го збогатуваат онлајн знаењето за овие простори.
По четвртата викекспедиција во која нашиот тим ја истражуваше Општина Брвеница, искористувајќи го продолжениот викенд по повод празникот 11 Октомври, нашиот тим на википедијанци се одлучи на тој викенд да оди во посета на прилепскиот дел на Мариово, со што и ја оствари и нашата последна експедиција за годинава. Така, на самиот празничен ден (11 октомври) тимот тргна од Скопје во попладневните часови, упатувајќи се кон градот-херој Прилеп, каде што беа сместени за време на експедицијата.
Првиот ден – сабота(12 октомври) веќе во 8 часот изутрината тимот на википедијанци беше на пат кон Витолиште, некогашниот општински центар на истоимената општина. Од селото Витолиште тимот се упати кон селата Живово и Врпско, до кој води земјен пат. По пристгнувањето во селото Живово тимот продолжи полека да се движевме кон селото Врпско, но патот беше избразден и со многу кал, поради што од една точка тимот реши дека е подобро да не се ризикува и селото беше фотографирано само со нашиот дрон, како и црквата која се наоѓа во него. Оттаму, википедијанците се вратија во Живово, каде има две цркви, од кои едната е доста зачувана стара црква со убав фрескоживопис, иако се наоѓа на толку оддалечено место. Бидејќи Витолиште веќе еднаш беше посетено од наша страна при експедицијата во 2015 година, во селото нашиот тим се задржа да ги фотографира само работите кои не беа опфатени тогаш.
По Витолиште, следуваше историското село Мелница, каде што беа фотографирани црквата „Св. Димитриј“, како и од родната куќа на Стале Попов. Потоа, следуваше посета на селата Полчиште и Бешиште и фотографирање на селската црква, како и манастирот „Св. Петка“ сместен во месноста Сатока, кое некогаш претставувало село, но било уништено при Мариовската буна во XVI век. Потоа следуваше селото Манастир, а потоа тимот се упати кон следното село, но застана пред Расимбеговиот мост да направи воздушни фотографи на античкиот град Антанија, а подоцна и фотографии од мостот. Движејќи се кон Дуње, беше фотографиран и манастирот „Св. Ѓорѓи“, кој се наоѓа надвор од селото покрај регионалниот пат. На крајот на денот беа фотографирани планинските превои Слива и Шипад, како и историското село Писокал.
Вториот ден – недела(13 октомври) беше посетено селото Дуње, а потоа селото Вепрчани, каде што беа посетени сите три цркви, двете во самото село и манастирот надвор од селото. Од Вепрчани тимот се врати во Дуње, од каде продолжи кон Пештани, кое исто така имаше три цркви, од кои две беа манастирски. Особено внимание привлече манастирската црква припоена кон карпите во близина на селото. Потоа беше посетено селото Кален и селото Кокре, кое беше фотографирано само воздушно, заедно со неговите две цркви. По овие две села, следуваа селата Крушевица и Чаниште и тука завршува регионалниот пат, кој е предвидено да продолжува во битолскиот дел на областа Мариово, но никогаш не е завршен.
Откако тимот се врати на регионалниот пат и кратко се движеше по него, беше посетено селото Бонче, во кое имаше три цркви. По Бонче, следуваше филмското село Штавица, во кое нашиот тим помина долго време, и тука беше најден мајсторот (жител на селото) кој ја направил познатата Филмска црква за потребите на филмот Прашина и кој раскажуваше повеќе работи за селото, но и за целата област, меѓу кои и за жичницата кај селото Манастир, која беше фотографирана претходниот ден. Експедицијата заврши со посета на селата Чумово, Старо и Ново Лагово.
Со фотографирани 11 нови, 7 повторно посетени и 3 историски села и поминати над 700 километри, можеме да кажеме дека тимот на википедијанци имаше уште една успешна експедиција и покрај предизвиците. Целиот фотографски материјал од викиекспедицијата можете да го погледнете тука.
Со завршувањето на оваа експедиција, тимот на википедијанци ја заокружи својата годишна програма за истражување и документирање на културното и природното богатство на Македонија. Истражените села и објекти, фотографиите и стекнатите искуства ќе придонесат за побогати и поточни информации достапни на Википедија. Овој подвиг е уште еден доказ дека со посветеност и љубов кон нашата татковина, може да се зачува и пренесе богатството на нашето културно наследство на идните генерации.