Универзитетот „Гоце Делчев“ и Викимедија МКД со меморандум за соработка!

Викимедија МКД постојано се стреми кон организирање на активности поврзани со Википедија во образовните институции низ Македонија. Покрај тоа што одлично се одржуваат партнерстваат за соработка со институции со кои веќе има меморандум за соработка, Организацијата остварува и нови контакти и нови соработки сè со цел идеите и целите на здружението да допрат до што поголема маса на луѓе и организации.

Најновото партнерство за соработка беше остварено на  4 јуни 2024 година со потпишувањето на  Меморандумот за соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Соработката е наочена кон публикување на слободни и проверени содржини на Википедија, како и промовирање на слободен пристап на податоци. Во однос на новопотпишаната соработка, проф. др. Зоран Здравев, раководител на дигитални ресурси и отворен пристап на УГД наведува:

„ Генерално соработката со „Викимедија“ е започната порано. Лабораторијата за дигитални ресурси и отворен пристап е формирана во 2010 година, оттогаш имаме некои активности, а минатата година и конкретно имавме публикување на наслови од нашата електронска библиотека. Тоа резултира со иницијатива да потпишеме Меморандум за подолгорочна соработка и веќе имаме планови како од наредната учебна година да почнеме да формираме тимови за креирање на содржини во Википедија, за публикување на други отворени содржини, да промовираме отворен пристап на податоци.“

Снежана Штрковска, извршен директор на Здружението „Викимедија МКД“, признат огранок на Фондацијата „Викимедија“, која ги финансира сите викимедиски проекти низ цел свет, се осврна на новото потпишано партнерство за соработка:

„ Википедија е енциклопедијата, Викимедија е сѐ друго, затоа што покрај енциклопедијата која е слободна, секој може да пишува и секој може да ја чита, постојат други, што ги викаме сестрински проекти, како што се вики-податоци, Викикниги, Викиуниверзитети и така натаму, на кои се работи за да може да се збогатува слободното знаење. Фондацијата се наоѓа во Сан Франциско и таму се наоѓаат сите сервери, од кои зрачат овие интернетски страници. Бенефитот за двете страни во секој случај е оној кој сите луѓе ќе го имаат како корист, да ја направиме Википедија на македонски јазик место на коешто можат да се прочитаат сигурни и точни податоци.“

Соработката на Викимедија МКД со високото образование е од огромно значење. Ваквата соработка ќе доведе до поголема точност на она што се објавува на Википедија, поголем број на слободни содржини на Википедија и нејзините сестрински проекти, поголема приклученост на заедницата во работата на Викимедија МКД и промовирање на волонтерството како начин на придонесување кон општото добро на заедницата.