Уредувачките маратони кои ги организира Викимедија МКД секогаш постигнуваат голем успех. Покрај тоа што ја збогатуваат Википедија на македонски јазик даваат и различни можности за добивање награди на учесниците кои пишуваат статии. Се стремиме да им овозможиме на корисниците на Википедија почесто да имаат можност да освојуваат награди при уредување на Википедија. Нашата посветеност на овој план и овој пат се покажа успешна со постигнување на резултати кои се значајни за нашата енциклопедија.
Овој пат од 3 јуни до 9 јуни 2024 година се одржуваше уредувачката седмица на тема „Право на домување“. Потфатот беше дел од меѓународната иницијатива „Вики за човековите права 2024“. Во натпреварот имаа можност да учествуваат сите регистрирани корисници на Википедија на македонски јазик. Корисниците, преку самото пријавување и создавање статии на задената тема стануваа потенцијални кандидати за освојување награди, а при тоа и големи придонесувачи за развојот на Википедија на македонски јазик. За за да се освои било која награда, од пријавените корисници беше потребно да создадат или подобрат најмалку 20 статии на зададената тема.
Оценувањето на статиите беше задача на оценувачкиот одбор, составен од искусни Википедијанци, кои внимателно ги анализираа и оценија содржините според стандардите и правилата на Википедија. Процесот на оценување беше траен и темелен, осигурувајќи објективност и квалитет во изборот на победниците. Така, со гордост ги објавуваме добитниците на наградите:
- Прва награда, корисник:Тиверополник – добитник на вредносен купон во вредност од 4.000 денари
- Втора награда, корисник:Lili Arsova – добитник на вредносен купон во вредност од 3.000 денари
- Трета награда, корисник:Dandarmkd – добитник на вредносен купон во вредност од 2.000 денари
Уредувачката седмица заврши успешно и, така, Википедија на македонски јазик се стекна со 195 нови статии поврзани со „правото на домување“ создадени од 11 различни корисници на Википедија на македонски јазик.
Честитки за вредните корисници и добитници на награди!