Посета во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје

На 4 јуни 2018 година, во организација на матичниот Википедијанец, Гордана Јовиќ- Стојковска, во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје беше организирана посета за членовите на Вики клубот, сите ученици од ОУ „Свети Климент Охридски“ од Драчево. Википедијанците беа запознаени со капацитетите на библиотеката,  со начините на користење на стручната литература, како и со читалните и атрактивни програми што ги организира библиотеката. На Википедијанците им беше овозможено да ја видат книговезницата во која се обновуваат многу од користените книги, а посебен интерес предизвика средбата со одделот за периодика.

Младите Википедијанци се запознаа со богатата збирка на дневен, неделен, месечен и периодичен печат од првите броеви на весниците објавувани на територија на Македонија. Мотивирани од исцрпни објаснувања од страна на нивната домаќинка на средбата, Валентина Малиќ-Андоновска, Википедијанците понудија нов вид на соработка: пребарување и подигање текстови од старите броеви на списанијата и весниците во склад со потребите на Википедија на македонски јазик. За ваква идна соработка интерес покажа и Библиотеката.