Низ селата на Прилепското Поле – трета Викиекспедиција за 2026 година

Викиекспедициите претставуваат теренски активности преку кои волонтерите придонесуваат кон збогатување на слободните содржини на Википедија и останатите проекти на Викимедија. Преку посети на населени места, културно-историски знаменитости, верски објекти, природни локалитети и други значајни места се создава фотографска документација и се собираат податоци кои понатаму се користат за подобрување на статиите на Википедија.

Третата Викиекспедиција во 2026 година се одржа од 7 до 9 август 2026 година во Прилепското Поле, со цел да се посетат преостанатите недокументирани села во околината на Прилеп, како и дел од селата во општините Кривогаштани и Долнени.

Прв ден

Првиот ден беше посветен на поголем број села во јужниот и рамничарскиот дел на Прилепското Поле. Теренската работа започна во Лопатица, каде беа фотографирани училиштето и црквата „Св. Никола“, а продолжи во Подмол, со документирање на училиштето, црквата „Св. Димитриј“ и археолошкото наоѓалиште Старо Бонче од воздух.

Следуваа Марул и Канатларци, каде беа фотографирани повеќе верски и јавни објекти, меѓу кои цркви, џамија, теќиња, училиште и здравствена амбуланта. Во Ерековци и Тополчани беа документирани цркви, училишта и други објекти, а особено интересна беше посетата на некогашната кино-сала во Тополчани, која денес е оставена да пропаѓа.

Остатоци од градба во Марул

Експедицијата продолжи кон Тројкрсти и Чепигово, при што беше фотографиран и античкиот град Стибера. Во Веселчани и Загорани, покрај црквите и манастирите, беа направени и воздушни фотографии со дрон, меѓу кои и фотографии од железничката станица Бакарно Гумно.

Во продолжение беа посетени Алинци, Шелеверци и Мало Рувци, каде беа документирани верски објекти, училишта и самите населени места. Првиот ден заврши со посета на Беровци, Галичани и Кадино Село, со фотографирање на цркви, училишта, градинка, железничка станица и други локални објекти.

Поглед на црквата „Вознесение Христово“ во Мало Рувци

Втор ден

Вториот ден започна со посета на Селце, вклучувајќи го новиот Селечки манастир „Покров на Пресвета Богородица“, училиштето, селската црква и стариот манастир.

Потоа беа посетени Волково и Прилепец, каде беа фотографирани цркви, поранешното училиште, археолошки локалитети и околните езера. Со дрон беа направени и пошироки фотографии од пределот, а беше посетен и манастирот „Св. Никола“ над Прилепец.

Во Леништа беа документирани параклисот и манастирот „Св. Петка“, како и споменикот посветен на загинатите кај Карпалак. Патувањето продолжи кон Ореовец и Крстец, каде особено впечатливи беа фреските во селската црква во Крстец.

Внатрешноста на црквата „Св. Петка“ во Леништа

Во завршниот дел од експедицијата беше посетено Прилепското Езеро, на чие дно некогаш се наоѓало селото Пештерица, како и околината на Стар и Нов Присад. По добиена дозвола за премин низ рудникот „Сивец“, членовите стигнаа до Стар Присад и ја документираа зачуваната црква „Св. Атанасиј“, околните езера и рудникот. Беа посетени и манастирот „Св. Ѓорѓи“ и изгорениот планинарски дом „Дервен“.

Последна точка беше Дабница, каде беа фотографирани селската црква и споменикот во селото. На патот беше документиран и впечатливиот споменик посветен на стреланите мештани од Дабница во Втората светска војна, кој денес, за жал, се наоѓа во непосредна близина на депонија и е затрупан со отпад.

Исход

Со оваа Викиекспедиција беше опфатен значаен дел од преостанатите недокументирани населени места во Прилепското Поле. Во текот на теренската работа беа фотографирани 24 нови села и едно историско село, заедно со голем број цркви, манастири, училишта, археолошки наоѓалишта, споменици и други значајни објекти.

Екипата помина повеќе од 500 километри, создавајќи нов фотографски материјал кој ќе придонесе за подобро илустрирање и документирање на Прилепскиот регион на Википедија и другите проекти на Викимедија.

Третата Викиекспедиција за 2026 година со тоа успешно ја продолжи мисијата на проектот – теренски да се документираат помалку познатите и недоволно застапени места низ Македонија и нивното културно, историско и природно наследство да стане достапно за сите.

Фотографкиот материјал од викиекспедицијата може да го погледнете на следнава врска.

Резултати за уредувачки денови и викенди за јули 2026 година

Во текот на јули 2026 година продолжија активностите во рамките на уредувачките денови и викенди, кои претставуваат значаен дел од заложбите за континуирано збогатување и унапредување на содржините на Википедија на македонски јазик. Овие активности им овозможуваат на уредниците да се посветат на различни тематски области, да создаваат нови статии, но и да ги дополнуваат и подобруваат веќе постоечките содржини.

Па така, учесниците активно работеа на збогатување на енциклопедиската содржина. Преку заедничката работа и редовното учество, овие активности придонесуваат не само кон зголемување на бројот на статии, туку и кон подобрување на нивниот квалитет, опфат и достапност за читателите.

Благодарение на посветеноста, ентузијазмот и континуираниот придонес на учесниците, овие активности уште еднаш ја потврдуваат виталноста и активноста на македонската википедијанска заедница. Особено значајно е што преку ваквите активности се поттикнува редовното уредување, се отвора простор за обработка на нови теми и се придонесува кон создавање посеопфатна енциклопедија на македонски јазик.

Како резултат на заедничкиот ангажман, резултатите за јули 2026 година се следниве:

  • Учествуваа вкупно 4 уредници;
  • Беа напишани 47 нови статии, а подобрени 4 постојни статии.

И овој месец беше доделена награда за најактивен уредник. Добитник на наградата за јули е:

Со успешно завршените јулски уредувачки активности продолжува континуитетот на заедничко создавање и подобрување на слободното знаење на македонски јазик. Секоја новосоздадена или подобрена статија претставува дополнителен придонес кон зголемување на обемот и квалитетот на Википедија на македонски јазик, а истовремено и кон поголема достапност на проверливи и корисни информации за пошироката јавност.

Им благодариме на сите уредници кои одвоија време, знаење и ентузијазам и дадоа свој придонес во текот на јули. Со нови теми, нови предизвици и уште повеќе содржини, уредувачките денови и викенди продолжуваат и во следните месеци.

Реализирана втората Викиекспедиција за 2026 година – низ долината на Црна Река

Викиекспедиции е проект чија цел е теренско истражување, фотографирање и документирање на населени места, природни предели, културно-историски знаменитости и други значајни објекти низ Македонија. Преку организирани експедиции се посетуваат различни региони и населени места, со посебен акцент на оние за кои недостигаат фотографии и други слободно достапни содржини.

За време на експедициите се фотографираат села, цркви, манастири, училишта, споменици, традиционални градби, природни знаменитости и други објекти од локално значење. Се користат и дронски фотографии за подобро документирање на населените места и нивната околина. Создадените материјали се објавуваат на проектите на Викимедија и придонесуваат кон збогатување и подобрување на содржините на Википедија.

Втората викиекспедиција за 2026 година беше насочена кон областа Железник и пошироката околина на Демир Хисар. Овој крај беше посетен и во рамките на претходните активности на Викиекспедиции, но дел од селата сè уште немаа соодветна фотодокументација, додека некои населени места воопшто не беа посетени. Оваа викиекспедиција беше реализирана од 10 до 12 јули 2026 година.

Главната цел на експедицијата беше да се надополнат постојните фотографии, да се документираат досега непосетени села и да се создадат нови фотографии од верски, историски и јавни објекти. Како база за дводневните теренски активности беше избрано Крушево, од каде екипата се упатуваше кон различни делови на Демирхисарско.

Прв ден

Првиот ден започна со посета на Журче, каде беа фотографирани селските цркви „Св. Илија“ и „Успение на Пресвета Богородица“, училиштето, задружниот дом, споменикот и други делови од селото. Беше направена и дронска фотографија со која селото беше документирано од воздух.

Патувањето продолжи кон Сладуево, Белче и Граиште. Во овие села беа направени нови фотографии од црквите, училиштата и самите населени места. Во Граиште беа посетени црквата „Св. Леонтиј“ и манастирската црква „Св. Тома“, а со дрон беше фотографирана и тврдината Градиште над селото.

Манастирската црква „Св. Тома“ во Граиште

Следуваа Бараково, Единаковци и Света, каде беа документирани повеќе верски и историски објекти, меѓу кои цркви, споменици, стар млин и некогашни воени гробишта. Од воздух беше фотографирана и местоположбата на историското село Метимирци.

Експедицијата потоа продолжи низ Вардино, Кутретино и Суводол. Покрај селските цркви и училиштата, беа фотографирани манастирски комплекси и џамијата во Суводол. Дронските снимки овозможија дополнително документирање на селата и нивната непосредна околина.

Во продолжение беа посетени Стругово и Загориче, а од воздух беа фотографирани и Утово, историското село Крагуево, како и повеќе објекти во околината. Во Обедник беа направени нови фотографии од црквата, џамијата и училиштето.

Една од последните станици во текот на денот беше Смилево, каде беа посетени манастирот „Св. Петар и Павле“, селските цркви и повеќе споменици. Бидејќи музејот и Спомен-паркот на Даме Груев веќе имаа квалитетна фотодокументација, вниманието беше насочено кон објектите за кои недостигаа фотографии.

Гнездо со штрк во Света

Првиот ден заврши со посета на манастирот кај Лесково. Оттаму, со помош на дрон беше документирана и местоположбата на напуштеното село, до кое денес пристапот е значително отежнат.

Втор ден

Вториот ден започна со патување од Крушево кон Демир Хисар. Најпрвин со дрон беше фотографирано историското село Мургашево, кое денес е целосно споено со градот Демир Хисар.

Потоа екипата се упати кон Слепче, со попатна посета на историското село Добромирово, каде денес е зачуван манастир. Во Слепче беа посетени и фотографирани манастирот, селската црква и училиштето.

Следуваа Суво Грло и Сопотница. Во Суво Грло беа документирани верските објекти, додека во Сопотница, како некогашно општинско средиште, имаше поголем број значајни објекти за фотографирање. Меѓу нив беше и зачуваната железничка станица, некогашна крајна станица на железничката линија Бакарно Гумно – Сопотница.

Летен пејзаж кај Жван

Од Сопотница патувањето продолжи кон Радово, село со голем број стари камени куќи, од кои многу денес се во лоша состојба. И покрај отежнатиот пристап и густата вегетација, беше документирана и селската црква.

Во Жван повторно беа фотографирани селските цркви, но и двата манастира во неговата околина. Поради времето и условите на теренот, првичниот план беше приспособен, а последниот дел од експедицијата беше посветен на Боиште и Церово, две села кои претходно не биле посетени во рамките на проектот.

Во Боиште беа фотографирани селските цркви, училиштето и други објекти, додека во Церово беше документирана селската црква и самото населено место. Со ова беше заокружена дводневната теренска работа во областа.

Резултати

Втората експедиција во Долината на Црна Река овозможи значително дополнување на фотодокументацијата за Демирхисарско. Во текот на двата дена беа посетени голем број населени места и беа создадени фотографии од села, цркви, манастири, училишта, споменици, историски локалитети и други значајни објекти.

Како непосреден резултат беа фотографирани 10 нови села и 3 историски села, а во текот на експедицијата беа поминати повеќе од 600 километри. Новосоздадените фотографии ќе придонесат кон подобро претставување на овој дел од Македонија и збогатување на содржините на Википедија и другите проекти на Викимедија.

Фотографскиот материјал од викиекспедицијата може да го погледнете на следнава врска.

Одржана обука за наставници во ОУ „Гоце Делчев“ во Тетово

Образовната програма на Викимедија МКД е една од најзначајните програми на здружението, чија цел е да ја доближи Википедија до образовните институции и да ги поттикне наставниците и учениците активно да придонесуваат кон создавање и подобрување на слободното знаење на македонски јазик. Преку организирање семинари, конференции, работилници и практични обуки, наставниот кадар добива можност да се запознае со начинот на функционирање на Википедија, правилата за уредување и придобивките од интегрирањето на Википедија во наставниот процес.

Па така, како продолжение на конференцијата за наставници што се одржа во мај, на 7 јули 2026 година во основното училиште „Гоце Делчев“ во Тетово беше реализирана практична обука за наставниците. Целта на оваа активност беше учесниците стекнатото теоретско знаење од конференцијата да го применат во пракса преку непосредна работа на Википедија, со поддршка од обучувачите на Викимедија МКД.

За време на обуката наставниците детално се запознаа со процесот на создавање нови статии, уредување и проширување на постоечки содржини, поставувањето внатрешни врски, категоризацијата на статиите, како и со основните принципи што ја прават Википедија сигурен и проверлив извор на информации. Преку практични примери и индивидуална работа, секој учесник имаше можност да ги примени стекнатите знаења и активно да придонесе кон збогатувањето на Википедија на македонски јазик.

На обуката учествуваа 12 наставници, кои во текот на активноста создадоа вкупно 19 статии. Напишаните статии претставуваат значаен придонес кон проширувањето на слободното знаење достапно за сите читатели на Википедија. Воедно, наставниците покажаа голем интерес за понатамошно вклучување во активностите на Викимедија МКД и за примена на стекнатите знаења во работата со своите ученици.

Обуката помина во работна и интерактивна атмосфера, при што учесниците поставуваа прашања, разменуваа искуства и дискутираа за можностите Википедија да се користи како дополнителна образовна алатка во наставата. Со ваквите активности се зајакнува соработката помеѓу Викимедија МКД и образовните институции, а наставниците стануваат дел од заедницата која активно придонесува за развојот на слободното знаење.

Викимедија МКД и во иднина ќе продолжи да организира обуки, работилници и други едукативни настани со цел да опфати што поголем број наставници, ученици и образовни институции. Преку ваквите активности се создаваат нови можности за подобрување на квалитетот и обемот на содржините на Википедија на македонски јазик, а истовремено се поттикнува развојот на дигиталната писменост и културата на споделување слободно знаење.

Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.

Резултати за уредувачки денови и викенди за јуни 2026 година

Развојот на слободната енциклопедиска содржина на македонски јазик претставува континуиран процес кој зависи од активното учество, соработка и посветеност на уредувачката заедница. Преку различни организирани активности, како уредувачки денови и викенди, се поттикнува создавање и унапредување на квалитетни содржини кои се достапни за сите корисници. Ваквите иницијативи имаат значајна улога во јакнењето на заедницата, како и во зголемувањето на обемот и квалитетот на енциклопедиските материјали. Тие претставуваат важен сегмент од пошироката мисија за слободно споделување на знаењето и негово достапно презентирање на македонски јазик.

Во текот на јуни 2026 година беа организирани повеќе уредувачки денови и викенди, во рамките на кои учесниците активно работеа на збогатување на енциклопедиската содржина. Благодарение на нивната посветеност, ентузијазам и континуиран придонес, беа остварени значајни резултати кои уште еднаш ја потврдуваат виталноста и активноста на македонската википедијанска заедница.

Како резултат на заедничкиот ангажман, резултатите за јуни 2026 година се следниве:

  • Учествуваа вкупно 7 уредници;
  • Беа напишани 61 нови статии, а подобрени 2 постојни статии.

И овој месец беше доделена награда за најактивен уредник. Добитник на наградата за јуни е:

  • P.Nedelkovski – вредносен ваучер од 2.500 денари.

Резултатите од реализираните активности за овој период претставуваат континуиран придонес кон развојот на Википедија на македонски јазик и нејзината содржина. Уредувачката заедница и понатаму активно учествува во збогатување и унапредување на енциклопедиските статии, со што се одржува постојан развој на проектот. Секој индивидуален придонес има значајна улога во градењето на слободна и достапна енциклопедија. Со ваквата посветеност се зајакнува мисијата за создавање и ширење на слободно знаење на македонски јазик.

„Статии без илустрација 2026“ – да ги илустрираме статиите на Википедија

Викимедија МКД континуирано работи на збогатување и унапредување на содржините на Википедија на македонски јазик преку различни уредувачки натпревари и активности. Покрај создавањето нови и подобрувањето на постојните статии, особено значење има и нивното визуелно збогатување со фотографии и други мултимедијални содржини.

„Статии без илустрација 2026“ е уредувачки натпревар чија цел е да го збогати визуелниот изглед и квалитетот на статиите на Википедија преку вметнување на фотографии. Голем број статии на Википедија сè уште немаат соодветни визуелни содржини, иако на Заедничката ризница постојат милиони слободно достапни фотографии, создадени и подигнати од волонтери од целиот свет. Со додавањето на илустрации, статиите стануваат попривлечни, поразбирливи и покорисни за читателите, а истовремено се зголемува и искористеноста на слободните мултимедијални содржини.

Викимедија МКД ги повикува сите заинтересирани уредници да дадат свој придонес во подобрувањето на Википедија на македонски јазик. Со секоја додадена фотографија не само што се збогатува енциклопедиската содржина, туку се придонесува и кон пошироката мисија за споделување на слободно знаење достапно за секого.

Натпреварот се одржува од 1 јули до 31 август 2026 година. Нема ограничување во врска со бројот на илустрации што може да ги употребите. Фотографијата што ја користите мора да биде поставена под слободна лиценца или во јавна сопственост. Учесниците мора да го вклучуваат записот #WPWPMK на секое зачувување на промени кога внесуваат илустрација, и на секоја статија на која внесуваат илустрација.

Вкупно има на располагање 5 награди поделени на следниов начин:

  1. Прва награда – ваучер во вредност од 12.000 денари (се доделува 1 ваучер на еден корисник)
  2. Втора награда – ваучер во вредност од 6.000 денари (се доделуваат 4 ваучери на четири различни корисници)

Наградите ќе бидат доделени на најплодните учесници, кои имаат поставено илустрација на најмалку 100 различни статии на Википедија на македонски јазик. Доколку овој услов не биде постигнат, организаторите го задржуваат правото да не ги доделат наградите. Поените ќе се пресметуваат по принципот: една статија еден поен за илустрациите, без разлика колку илустрации сте поставиле во таа статија. Важно е да се напомене дека илустрации се вметнуваат на веќе постоечки статии, новосоздадени статии за целите на вметнување фотографии не се земаат во предвид.

Натпреварот претставува одлична можност за сите уредници да придонесат кон подобрување на квалитетот и визуелната збогатеност на Википедија на македонски јазик. Со едноставно вметнување соодветни фотографии во постојните статии, можете да помогнете илјадници читатели полесно да ја разберат содржината и да добијат поцелосно енциклопедиско искуство.

Ги охрабруваме сите заинтересирани корисници да се приклучат на кампањата, да ги искористат богатите ресурси достапни на Заедничката ризница и да дадат свој придонес кон слободното знаење. Секоја илустрација претставува дополнителна вредност за Википедија, а секој придонес помага во создавањето поквалитетна и подостапна енциклопедија за сите.

„СИЕ Пролет 2026“- нови статии и нови награди

Викимедија МКД, како дел од глобалното Викимедија движење, континуирано делува во насока на унапредување на слободното знаење и неговата достапност преку проектите на Википедија на македонски јазик. Во рамки на оваа мисија, особено значајно место имаат уредувачките кампањи и тематските маратони кои служат како поттик за волонтерите, но и како организиран пристап кон систематско збогатување на енциклопедиската содржина.

Уредувачкиот натпревар „СИЕ Пролет 2026“ беше дел од поширока меѓународна иницијатива која ги обединува заедниците од државите на Средна и Источна Европа. Основната идеја на оваа иницијатива беше преку заедничка работа да се подобри и прошири покриеноста на теми поврзани со регионот, како и да се поттикне поголема меѓувики заедничка соработка. На тој начин, Википедија не се гледа само како збир на одделни јазични проекти, туку како мрежа на заедници кои заеднички придонесуваат кон глобалното знаење.

„СИЕ Пролет 2026“ се одржуваше во периодот од 1 до 30 април 2026 година. Во текот на овој период, уредниците имаа можност да работат на различни типови содржини, да ги прошируваат постоечките статии и да создаваат нови енциклопедиски записи. Тематскиот опсег опфаќаше широк спектар области, вклучувајќи историја, културно наследство, географија, општествени процеси, институции и други значајни аспекти од земјите на СИЕ регионот.

Сите статии требаше да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии требаше да бидат напишани на енциклопедиски стил и да имаат извори. При уредување на натпреварот или по завршувањето на истиот, сите учесници требаше да се запишат со кои статии учествувале.

Оценувањето на статиите беше задача на оценувачкиот одбор, составен од искусни Википедијанци, кои внимателно ги анализираа и оценија содржините според стандардите и правилата на Википедија. Процесот на оценување беше траен и темелен, осигурувајќи објективност и квалитет при изборот на победниците. Така, со гордост ги објавуваме добитниците на наградите:

  • I награда: Тиверополник – вредносен купон во вредност од 10.000 денари.
  • II награда: 19user99 – вредносен купон во вредност од 5.000 денари.
  • III награда: Marco Mitrovich– вредносен купон во вредност од 3.000 денари.

Покрај овие награди, се доделуваат и следните дополнителни награди:

  • Награда за најдобра статија:Операција „Бура““ од Тиверополник  – вредносен купон во вредност од 4.000 денари.
  • Награда за најмногу уредени статии: 19user99 со 86 уедени статии за 51 различна земја учесничка – вредносен купон во вредност од 2.000 денари.
  • Награда за најдобар постоечки корисник: IvanKonev123 – вредносен купон во вредност од 2.000 денари.

Вкупно учествуваа 9 уредници и беа создадени и подобрени 451 статии. Овој резултат претставува важен придонес кон долгорочната цел на Викимедија МКД за континуирано проширување на слободната енциклопедија и зајакнување на квалитетот на енциклопедиските содржини. Преку ваквите кампањи се поттикнува активна соработка меѓу уредниците, се развива култура на проверливо и одговорно пишување, и се гради заедница која не само што создава содржини, туку и го унапредува начинот на кој знаењето се организира и споделува.

Уредувачка седмица „Историја на човековите права“- нови статии, нови награди

Уредувачките натпревари претставуваат значаен дел од активностите на Викимедија МКД насочени кон збогатување на содржините на Википедија на македонски јазик. Преку овие активности, уредниците добиваат можност да придонесат во создавањето и подобрувањето на статии од различни области, истовремено проширувајќи ја достапноста на слободното знаење за читателите. Ваквите настани не само што ја зголемуваат содржината на енциклопедијата, туку и поттикнуваат интерес за теми од историско, културно, научно и општествено значење.

Во тој контекст беше организирана и уредувачката седмица „Историја на човековите права“, посветена на една од најважните теми во развојот на современото општество. Историјата на човековите права ги опфаќа процесите, идеите и настаните кои низ вековите придонеле за признавање и заштита на основните права и слободи на секој човек. Од раните правни документи и филозофски идеи, па сè до современите меѓународни конвенции и институции, развојот на човековите права претставува важен дел од светската историја и од напорите за создавање поправедно и порамноправно општество. Уредувачката седмица се одржуваше од 1 до 7 јуни 2026 година.

За време на уредувачката седмица, учесниците работеа на создавање и подобрување на статии поврзани со различни аспекти од историјата на човековите права. Особено внимание беше посветено на значајни историски настани, декларации, конвенции, организации и личности кои одиграле важна улога во унапредувањето и заштитата на човековите права во различни периоди и делови од светот.

Сите статии требаше да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии требаше да бидат напишани на енциклопедиски стил и да имаат извори. При уредување на натпреварот или по завршувањето на истиот, сите учесници треба да се запишат со кои статии учествувале.

Наградите за овој натпревар беа предвидени да бидат вредносни купони за книги/материјали, техничка стока или спортска опрема по избор на добитникот. За да се освоеше било која награда, потребно беше да се создадат или подобрат најмалку 20 статии. Па така добитниците на награди се следниве:

  • Прва награда: Тиверополник – купон во вредност од 4.000 денари.
  • Втора награда: 19user99 – купон во вредност од 3.000 денари.
  • Трета награда: Dandarmkd – купон во вредност од 2.000 денари.

Вкупно учествуваа 16 уредници и беа создадени и подобрени 321 статии, со што се збогати содржината на Википедија на македонски јазик и се овозможи поширока достапност на информации поврзани со историјата на човековите права. Викимедија МКД и понатаму продолжува да поддржува активности кои придонесуваат за развој на слободното знаење и за подобро информирање на јавноста за теми од општествено значење.

 

Успешно заврши „Координирај ме 2026“- беа создадени и подобрени предмети на Википодатоци за Македонија

„Координирај ме 2026“ претставуваше третото издание на меѓународниот натпревар на Википодатоци посветен на создавање и подобрување на содржини со географски координати. Натпреварот опфаќаше широк спектар на објекти — од населени места и аптеки до јавна уметност и природни споменици.

Целта на иницијативата беше да се поттикне збогатување на Википодатоци преку создавање нови или подобрување на постоечки елементи што го содржат својството за географски координати (P625), при што тие требаше да се наоѓаат во некоја од земјите учеснички определени како фокус за натпреварот.

Натпреварот имаше за цел да ја подобри точноста, покриеноста и употребливоста на геопросторните податоци, со што се придонесува кон поквалитетна и подостапна слободна база на знаење. Натпреварот се одржуваше од 1 до 31 мај 2026 година.

Оваа година Македонија беше една од земјите опфатени со натпреварот, што овозможи бројни уредници од различни држави да придонесуваат кон подобрување на податоците поврзани со нашата земја. Во текот на натпреварот, вкупно 33 уредници од меѓународната вики-заедница работеа на создавање и подобрување на записи за Македонија, додавајќи и коригирајќи географски координати за населени места, културно-историски споменици, природни знаменитости, институции и други значајни објекти. Со над 3.540 уредувања на повеќе од 2.280 различни предмети, учесниците значително ја збогатија содржината поврзана со Македонија на Википодатоци.

Благодарение на учеството на Македонија во овој натпревар, значително беше подобрен квалитетот на географските податоци за Македонија на Википодатоци. Овие податоци се користат не само во проектите на Викимедија, туку и од истражувачи, програмери, образовни институции и бројни други корисници кои се потпираат на слободни и отворени податоци.

Ваквите меѓународни иницијативи покажуваат дека соработката помеѓу волонтерите од различни делови на светот може да донесе значајни резултати и да придонесе кон создавање поквалитетно и подостапно слободно знаење за сите.

Резултати од уредувачките денови и викенди за мај 2026 година

Уредувачките денови и уредувачките викенди претставуваат значајни активности за збогатување и развој на Википедија на македонски јазик. Преку овие организирани настани, уредниците имаат можност да работат на различни тематски подрачја, да создаваат нови статии, да ги подобруваат постојните содржини и да придонесуваат кон зголемување на достапноста на слободното знаење за пошироката јавност. Истовремено, овие активности овозможуваат поттикнување на соработката меѓу уредниците, размена на искуства и привлекување на нови учесници во заедницата.

Во текот на мај 2026 година беа организирани повеќе уредувачки денови и викенди, во рамките на кои учесниците активно работеа на збогатување на енциклопедиската содржина. Благодарение на нивната посветеност, ентузијазам и континуиран придонес, беа остварени значајни резултати кои уште еднаш ја потврдуваат виталноста и активноста на македонската википедијанска заедница.

Како резултат на заедничкиот ангажман, резултатите за мај 2026 година се следниве:

  • Учествуваа вкупно 16 уредници;
  • Беа напишани  235 нови статии, а подобрени 9 постојни статии и беше новосоздадена 1 предлошка.

Овој месец беa создадени рекорден број на статии, што претставува особено значајно достигнување и показател за зголемениот интерес за учество во уредувачките активности. Овие бројки не само што го одразуваат вложениот труд на учесниците, туку и ја потврдуваат нивната посветеност кон мисијата за создавање квалитетна, слободна и достапна енциклопедиска содржина на македонски јазик.

 И овој месец беше доделена награда за најактивен уредник. Добитник на наградата за мај е:

  • IvanKonev123 – вредносен ваучер од 2.500 денари.

Упатуваме искрени честитки до добитникот на наградата, како и благодарност до сите уредници кои земаа учество во уредувачките денови и викенди. Нивниот труд и посветеност имаат значајна улога во развојот на Википедија на македонски јазик и во збогатувањето на слободното знаење достапно за сите. Постигнатите резултати претставуваат силна основа за идните активности и поттик за понатамошно зголемување на учеството и продуктивноста на заедницата. Веруваме дека и во наредните месеци уредувачките денови и викенди ќе продолжат да бидат успешна платформа за соработка, учење и создавање нови квалитетни содржини.