Започна со работа Вики клубот во Куманово – простор за учење и создавање знаење

Учењето не мора секогаш да се одвива само преку учебници. Современите образовни практики сè повеќе го вклучуваат интернетот како алатка за истражување, создавање и споделување знаење. Во таа насока, Википедија станува моќна платформа каде што младите можат не само да читаат, туку и самите да придонесуваат. Преку Вики клубовите, учениците добиваат шанса да се запознаат со основите на енциклопедиско пишување, да стекнат дигитални вештини и да се вклучат во глобалната заедница на создавачи на слободно знаење.

На 2 јули 2025 година во Куманово, започна со работа нов Вики клуб. Овој клуб е дел од пошироката образовна програма на Викимедија МКД и има за цел да ги воведе учениците во светот на Википедија и слободното знаење. На настанот учествуваа вкупно 12 ученици од повеќе училишта од Куманово.

Настанот го отвориja Снежана Штрковска, извршен директор на Викимедија МКД и Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма на Викимедија МКД, кои одржаа интерактивна презентација за основните принципи на Википедија, важноста на слободниот пристап до информации и начинот на кој се уредуваат енциклопедиски содржини. Учениците со љубопитност слушаа за процесот на уредување, правилата за користење извори и значењето на точноста и неутралноста во пишувањето.

По воведниот дел, учениците за првпат добија практична можност да уредуваат на Википедија – чекор што за многумина од нив претставуваше сосема ново и возбудливо искуство. Ден пред тоа беше 1 јули, Меѓународниот ден на Канада, па токму таа тема беше инспирација за првите статии. Учениците уредуваа статии посветени на канадски писателки, што им овозможи не само да се запознаат со процесот на енциклопедиско пишување, туку и да истражуваат за значајни личности од друг културен контекст. Со поддршка од менторите на Викимедија МКД и на координаторката на клубот, Стојна Арсовска-Доневска, учениците ги применија новите знаења.

Резултатот од оваа прва активност беше повеќе од успешен – вкупно беа напишани 19 нови статии на Википедија на македонски јазик.  За многу од учениците, ова беше првпат да видат како нивната работа веднаш станува дел од глобалната енциклопедија – чувство на гордост и мотивација што сигурно ќе ги води понатаму во нивниот вики-пат.

Ова отворање претставува свеж почеток за младите од Куманово кои сакаат да истражуваат, пишуваат и учат на поинаков начин. Со активностите во рамки на Вики клубот, тие ќе имаат простор да ја изразат својата љубопитност и креативност, да ги развиваат своите истражувачки способности и да станат активни учесници во ширењето на слободното знаење. Вики клубот во Куманово претставува вредно засилување на мрежата на вакви клубови низ Македонија и ветува продуктивна и инспиративна иднина за сите негови членови.

Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.

„Статии без илустрација 2025“ – кампања за визуелно збогатување на Википедија

Во светот на Википедија, визуелната содржина игра клучна улога во збогатување на знаењето. Илјадници статии сè уште се „невидливи“ – без ниту една слика која би го зајакнала разбирањето и би го привлекла вниманието на читателите. Токму затоа е тука кампањата „Статии без илустрација“, која ве повикува да помогнете да ги направиме овие статии повпечатливи, покорисни и подостапни за сите! Без разлика дали сте искусен уредник или нов љубител на слободното знаење, ова е ваша шанса да направите разлика и да освоите награда за тоа.

„Статии без илустрација“ е кампања на меѓународно ниво за вметнување на илустрации во статиите на кои им недостигаат. Илјадници фотографии се поставени на Заедничката ризница преку разни проекти на организацијата, како и преку фотографските натпревари низ годиниве. Идејата е да се искористат фотографиите и останатите илустрации во соодветните статии. Ова е огромен јаз кој оваа кампања се обидува да го премости. Викимедија МКД и оваа година ви овозможува да дадете свој придонес и да бидете дел од потенцијалните добитници на награди.

Кога и како?

Кампањата се одржува од 1 јули 2025 година до 31 август 2025 година. Нема ограничување во врска со бројот на илустрации што може да ги употребите. Фотографијата што ја користите мора да биде поставена под слободна лиценца или во јавна сопственост. Учесниците мора да го вклучуваат записот #WPWPMK на секое зачувување на промени кога внесуваат илустрација, и на секоја статија на која внесуваат илустрација. Исто така поставете го записот #WPWP за да учествувате за меѓународните награди.

Награди!

За македонските учесници се обезбедени посебни локални награди. Вкупно има на располагање 5 награди поделени на следниов начин:

  1. Прва награда – ваучер во вредност од 12.000 денари (се доделува 1 ваучер на еден корисник)
  2. Втора награда – ваучер во вредност од 6.000 денари (се доделуваат 4 ваучери на четири различни корисници)

Наградите ќе бидат доделени на најплодните учесници, кои имаат поставено илустрација на најмалку 100 различни статии на Википедија на македонски јазик. Доколку овој услов не биде постигнат, организаторите го задржуваат правото да не ги доделат наградите. За македонските награди, поените ќе се пресметуваат по принципот: една статија еден поен за илустрациите, без разлика колку илустрации сте поставиле во таа статија. Важно е да се напомене дека илустрации се вметнуваат на веќе постоечки статии, новосоздадени статии за целите на вметнување фотографии не се земаат во предвид.

Придонеси, инспирирај, освои! Со секоја илустрација што ќе ја додадеш, ги правиш статиите попривлечни и покорисни за читателите во Македонија. Кампањата „Статии без илустрација“ е одлична можност да направиш видливо влијание во заедницата, а притоа и да бидеш награден. Не ја пропуштај оваа можност – истражи, избери фотографија и збогати ги статиите!

Уредувачки маратон „Новинарство“- за членовите на Вики клуб Демир Хисар

Викимедија МКД, во рамки на своите едукативни активности, редовно организира уредувачки маратони на различни теми, со цел поттикнување на младите кон активно создавање и збогатување на слободната енциклопедија – Википедија на македонски јазик. Преку овие настани, учениците и младите волонтери добиваат можност да научат повеќе за специфични области, да развиваат вештини за истражување и пишување, и да придонесат кон ширење на знаење достапно за сите.

На 24 јуни 2025 година, за членовите на Вики клубот Демир Хисар, се одржа уредувачки маратон посветен на темата „Новинарство“. Под раководство на  координаторката на Вики клуб Демир Хисар, Александра Шундовски уредувачкиот маратон привлече голем интерес кај членовите кои активно земаа учество во целосната програма. Уредувачкиот маратон беше структуриран во два дела: едукативен и практичен.

Во првиот дел од настанот, учесниците имаа можност да присуствуваат на инспиративно предавање од Благоја Шундовски – новинар, музичар и писател, кој со децении активно работи во медиумската сфера. Тој зборуваше на тема: „Што значи да се биде новинар“, објаснувајќи ги основните принципи и улогата на новинарството во едно демократско општество. Освен што ги запозна присутните со основните алатки и знаења потребни за новинарска работа, Шундовски сподели и лични искуства, анегдоти и вистински ситуации од својата новинарска кариера, што дополнително го разубави предавањето и го доближи новинарството до младите.

Вториот дел од настанот беше посветен на практичната работа – уредување статии на Википедија. Поттикнати од слушнатото и со поддршка од ментори, вкупно 6 членови на Вики клубот активно се вклучија во креирање содржини поврзани со новинарството. Тие уредуваа и напишаа вкупно 8 нови статии за добитници на Пулицеровата награда – најпрестижното признание во областа на новинарството. Со тоа, не само што стекнаа нови знаења за истакнати новинари и нивните придонеси, туку и го збогатија македонскиот јазичен корпус на Википедија со значајни информации кои досега недостасуваа.

Уредувачкиот маратон помина во позитивна атмосфера, со многу ентузијазам, соработка и желба за учење. Настанот уште еднаш потврди дека ваквите активности имаат клучна улога во поттикнување на младите кон критичко размислување, креативно изразување и активно граѓанско учество преку дигитални алатки.

Викимедија МКД ќе продолжи да организира уредувачки маратони на различни теми, со цел да се зголеми квантитетот и квалитетот на содржините на Википедија на македонски јазик, но и да се гради нова генерација на млади, писмени и информирани уредници кои ќе придонесуваат за општото добро.

Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.

„Да го обоиме Перу во боите на виножитото“- уредувачки маратон за членовите на Вики клуб Велес

Членовите на Вики клуб Велес имаа можност да бидат дел од еден несекојдневен и мошне инспиративен културен настан – „Запознајте го Перу“, кој се одржа во Велес на 13 јуни во Градската библиотека „Гоце Делчев“. Настанот нѐ одведе на патување во срцето на Јужна Америка, во земјата на Инките – Перу, земја со богата историја, фолклор, уметност и традиции кои ги фасцинираат светот. Во рамки на настанот, присутните имаа можност да слушнат извадоци од книгата „Кога љубовта ја победува војната“, чии примероци беа донирани на велешката библиотека – придонес кон збогатување на фондот со нова и културно значајна литература. Овој дел беше особено инспиративен за младите ученици од општинските училишта кои беа присутни на настанот.

Со посебна чест и внимание, на настанот се обрати и почесниот Конзул на Република Перу во Македонија, господинот Ненад Јаниќевиќ, кој со својата посветеност и љубов кон перуанската култура придонесе за значењето на оваа средба.

Беше организирана и креативна работилница под наслов „Да го обоиме Перу во боите на виножитото“, на која перуанката Роса, жителка на Велес, на автентичен начин ја пренесе магијата на својата родна земја. Преку видео-презентации, разговори и споделување на традиционални обичаи, учесниците за миг беа пренесени во далечниот Перу – низ боите, звуците и приказните од оваа уникатна културна ризница.

Во духот на културното поврзување, членовите на Вики клуб Велес под раководство на координаторката Лили Арсова го заокружија овој настан со уредувачки маратон на Википедија, при што беа преведени и создадени 26 статии поврзани со Перу од страна на 8 уредувачи. На тој начин, преку дигиталната енциклопедија, младите придонесоа за ширење на знаењето за оваа фасцинантна земја и нејзината култура, достапно за сите на македонски јазик.

Ваквите настани се доказ дека културните средби можат да изградат мостови меѓу народите, да ги зближат различните традиции и да не’ потсетат на вредноста на меѓусебното почитување и разбирање. Ви благодариме на сите што учествувавте и помогнавте да ја обоиме оваа средба со боите на виножитото! До следно видување – нека различностите продолжат да нè поврзуваат и зближуваат.

Уредувачка седмица „Управување со отпад“- нови статии и нови награди

Во време кога климатските промени, загадувањето и одржливиот развој стануваат сè порелевантни прашања за секое општество, пристапот до точни, проверени и слободно достапни информации за овие теми е поважен од кога било. Еден од начините преку кои може да се придонесе кон еколошката свест и информираноста на граѓаните е токму преку Википедија — најголемата енциклопедија на интернет која се уредува колективно од волонтери ширум светот.

Во таа насока, Викимедија МКД организираше уредувачка седмица на тема „Управување со отпад“, со цел збогатување на содржините на Википедија на македонски јазик поврзани со животната средина, отпадот и неговото правилно управување. Настанот претставуваше дел од глобалната иницијатива „Вики за човековите права 2025“,  чија цел е да се истакне врската помеѓу човековите права и животната средина, како и важноста од пристап до информации за заштита на животната средина.

Уредувачката седмица „Управување со отпад“ се одржуваше  од 2 јуни 2025 до 8 јуни 2025 година. Сите статии требаше да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии требаше да бидат напишани на енциклопедиски стил и да бидат поткрепени со соодветни извори. При уредување на натпреварот, или по завршувањето на истиот, сите учесници требаше да си го запишат своето корисничко име на проектната страница, заедно со статиите кои ги напишале. Покрај пишувањето на нови статии, учесниците имаа можност и значајно да надополнат некоја постоечка статија.

За да се освоеше било која награда, потребно беше да се создадат или подобрат најмалку 20 статии! Така, со гордост ги објавуваме добитниците на наградите:

  • Прва награда: Тиверополник – купон во вредност од 4.000 денари.
  • Втора награда: 19user99– купон во вредност од 3.000 денари.
  • Трета награда: Chnitke – купон во вредност од 2.000 денари.

Уредувачката седмица заврши успешно и така, Википедија на македонски јазик се стекна со 108 нови статии, создадени од 6 корисници. Со оваа уредувачка седмица, уште еднаш се потврдува дека заедницата на Википедија на македонски јазик активно придонесува за слободното и достапно знаење на теми од значење за сите. Преку напорите на посветени уредници, се создаваат и подобруваат информации кои можат да го променат светот — почнувајќи од локално дејствување и ангажман. Честитки до сите учесници и добитници, и се гледаме на следната уредувачка акција!

Подгорје и Огражден – прва викиекспедиција за 2025 година

По повод 10-годишнината од почетокот на теренските активности познати како викиекспедиции, во последниот викенд од април 2025 година беше организирана свечена изложба на фотографии и материјали собрани низ сите овие години. Настанот не само што беше потсетник за значењето на теренската работа во збогатување на слободната енциклопедија, туку послужи и како инспирација за идни активности.

Поттикнати од позитивната енергија и интересот за нови истражувања, тимот на википедијанци одлучи дека првиот викенд од мај ќе биде идеално време за да започне новата сезона на викиекспедиции за 2025 година. Овојпат, изборот падна на еден дел од Македонија кој досега не бил систематски документиран – Струмичката Котлина, односно руралните средини во овој крај. Така, на 3 и 4 мај 2025 година, тимот започна со првата викиекспедиција за оваа година, при што беа посетени бројни села и значајни објекти во регионот.

Во попладнивте часови на 2 мај, тимот се упати кон сместувањето во градот Струмица. Наредниот ден 3 мај тимот се упати кон првото село, а тоа беше Сушица, во која поминаа цел еден час, бидејќи селото имаше доста објекти за фотографирање. Покрај работите кои што беа познати, излезе точно тврдењето дека во селото постои и манастир, за кој имаше само еден извор со што тимот го потврди неговото постоење. По Сушица, следуваше селото Зубово и беа направени фотографии. Од таму википедијанците се упатија кон Ново село каде што беше фотографиран манастариот во близина на малото вештачко езеро. Потоа следуваа селата Барбарево и Самоилово. Од Самоилово тимот се упати кон селото Стиник. Во Стиник како времето да е застанато и малкуте жители одгледуваат свињи, што најверојатно е некоја карактеристика за самата планина Огражден, бидејќи и на беровска страна во селото Двориште има распространето одгледување на свињи.

Од Стиник википедијанците се вративја повторно на регионалниот пат, каде за кратко време беа во селото Бајково, каде се наоѓа и манастир „Св. Петар и Павле“. Кон крајот на денот, на тимот му остана и последното огражденско село, а тоа беше селото Бадолен. На враќање од селото, беше посетена и поранешната касарна на АРМ, која стои напуштена. На едно место, патот до селото се доближува до границата со Бугарија на само 2 километри. На крај беше посетено селото Ново Коњарево. каде тимот наиде на необичен објект, кој излезе дека е црква.  По кратко време, мештанин кој дојде до црквата раскажа дека црквата не е осветена бидејќи градбата не била одобрена од црковните лица.

Вториот ден  започна со незавршената мисија од претходниот ден, односно посета на сите села од општината Ново Село. Така, тимот започна во Старо Коњарево.  Од ова село движејќи се во подножјето на планината Беласица беа посетени селата Дражево, а подоцна и Смолари. Потоа следуваа селата  Мокрино, Мокриево, Колешино и Борисово, во кои тимот се задржа долго време поради бројните верски градби и училишта, како и други стопански и општествени градби. Особено беше карактеристично селото Колешино кое поседува бројни христијански градби од различните деноминации, како што се протестанти, адвентисти, како и Јеховини сведоци.

Од Колешино беа посетени селата во Општина Босилово. Штом википедијанците дојдоа во Бориево, веднаш приметија голема разлика во уредувањето на селата кај општината Ново Село со овие од општината Босилово, па така првите села се далеку поуредени и средени во споредба со вторите. Во Моноспитово, исто така, википедијанците се задржија подолго време поради големиот број верски објекти, слично како во Колешино. По Моноспитово следуваше селото Еднокуќево, а потоа и во општинското седиште Босилово, со што беше ставен крај на оваа експедиција.

Со фотографирани 20 нови села, документирани бројни верски и културни објекти, и поминати над 400 километри низ Источна Македонија, оваа викиекспедиција претставува уште еден значаен чекор во мисијата на википедијанците – да ги приближат и опфатат сите делови на Македонија, особено оние кои често се занемарени во медиумскиот и дигитален простор.

Посветеноста, љубопитноста и ентузијазмот на тимот уште еднаш покажаа дека со здружена волја и страст кон знаењето, дури и најоддалечените и заборавени места можат да добијат свое заслужено место на дигиталната карта на светот. Викиекспедицијата во Струмичката Котлина е само почеток на новата сезона, а тимот со нетрпение ги очекува следните предизвици – зашто секое село има своја приказна, а секоја приказна заслужува да биде раскажана.

Викимедија МКД и Словенечкиот центар-Скопје со нова успешна работилница: „Паркови во Словенија“

Викимедија МКД, преку својата континуирана работа и посветеност на ширење на слободното знаење, постојано организира различни активности — настани, работилници, обуки и заеднички уредувања — со цел да се намали содржинскиот јаз на Википедија на македонски јазик и да се зголеми достапноста на знаењето за пошироката јавност.

Во изминатиот период, организацијата оствари плодна и успешна соработка со Словенечкиот центар – Скопје, во рамки на која беа реализирани неколку значајни проекти. Во декември минатата година се одржа тематска работилница посветена на Словенија, додека во февруари оваа година, во соработка со Амбасадата на Република Словенија во Скопје, беше организиран едномесечниот уредувачки маратон „Запознајте ја Словенија“, кој предизвика голем интерес и резултираше со значително зголемена покриеност на теми поврзани со Словенија на Википедија на македонски јазик.

Најновата активност од оваа успешна соработка е работилницата „Паркови во Словенија“, која се одржа на 4 јуни 2025 година во просториите на Викимедија МКД во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје. Настанот беше организиран по повод Денот на државноста на Република Словенија, кој се одбележува на 25 јуни. На работилницата учествуваа 9 ученици од СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“, под менторство на професорката и координаторка Лилјана Стојковска.

Настанот започна со обраќање на извршниот директор на Викимедија МКД Снежана Штрковска која ја нагласи долгогодишната соработка со Словенечки центар-Скопје и успехот на ваквиот тип на работилници. По неа обраќање имаше Сашо Стојковски од Словенечки центар- Скопје кој што ја нагласи улогата на центарот во промовирање на словенечката култура и јазик во Македонија и ја истакна важноста на ваквиот вид соработка помеѓу двете здруженија.

По официјалните обраќања, учениците преминаа кон вториот дел од работилницата, каде што се фокусираа на уредување и преведување содржини на Википедија на македонски јазик. Како резултат на нивниот труд, беа напишани и објавени вкупно 18 нови статии, со што се збогати покриеноста на темата за словенечките национални паркови и заштитени природни подрачја.

Овој настан претставува уште еден доказ за тоа како преку соработка, ангажман и едукација може значајно да се придонесе кон збогатување на слободното знаење и меѓукултурна размена. Викимедија МКД ќе продолжи да го негува партнерството со Словенечкиот центар – Скопје и слични институции, со цел да се реализираат уште многу вакви инспиративни проекти во иднина.

Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.

Oдржана обука за уредување на википедија со „Организација на жените во Општина Свети Николе“

Викимедија МКД постојано ги проширува своите активности на терен, стремејќи се да опфати што е можно повеќе луѓе од различни делови на земјата и да ги воведе во светот на слободното знаење. Една од основните цели на организацијата е да им го доближи концептот на Википедија и нејзината важност на пошироката јавност, особено преку едукативни обуки и вклучување на нови уредувачи. Образовната програма на Викимедија МКД е насочена кон градење на заедница што активно придонесува со квалитетни содржини на Википедија на македонски јазик.

Во рамки на овие напори, на 2 јуни 2025 година, Викимедија МКД реализираше обука за уредување на Википедија и уредувачки маратон со членови на Организацијата на жените во Свети Николе. Настанот на предавање за Википедија и обука за членовите на Вики клубот започна во 13 и 30 часот во просториите на Општина Свети Николе и вкупно беа присутни 10 учесници.

Настанот започна со едукативно предавање од Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма на Викимедија МКД, која ги запозна присутните со основните принципи на Википедија, важноста на слободното знаење и правилата за уредување на енциклопедијата. Таа им објасни како функционира платформата, како се проверуваат изворите на информации и како се пишуваат енциклопедиски статии. Присутните со голем интерес го следеа предавањето, поставувајќи прашања за тоа како можат да придонесат за подобрување на содржините на Википедија.

По воведниот дел, присутните добија можност и практично да се запознаат со уредувањето, создавајќи свои први статии на Википедија на македонски јазик. Со помош и поддршка од тимот на Викимедија МКД,  вкупно напишаа 15 статии.

Овој настан претставува уште еден чекор кон остварување на целта за зголемување на бројот на активни уредувачи и унапредување на содржините на Википедија на македонски јазик. Вклучувањето на нови заедници и организации, како што е Организацијата на жените во Свети Николе, покажува дека интересот за учество во создавањето слободно достапно знаење расте. Викимедија МКД и понатаму ќе продолжи со организирање на вакви обуки низ целата земја, со цел да инспирира што повеќе граѓани да се приклучат кон движењето за слободно знаење.

Фотографскиот материјал од настанот може да го видите на следнава врска.

Уредувачка седмица „Управување со отпад“- нова можност да освоите награда

Викимедија МКД  постојано организира уредувачки маратони со цел да ја зголеми слободната содржина на македонски јазик. Со различни теми, но со иста цел, уредувачките натпревари и маратони даваат и различни можности за добивање награди на учесниците кои се пројавиле. Овој пат, Викимедија МКД организира уредувачка седмица на тема „Управување со отпад“. Потфатот е дел од меѓународната иницијатива „Вики за човековите права 2025“.

Уредувачката седмица „Управување со отпад“ се одржува  од 2 јуни 2025 година и завршува на 8 јуни 2025 година. Сите статии треба да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии треба да бидат напишани на енциклопедиски стил и да бидат поткрепени со соодветни извори. При уредување на натпреварот, или по завршувањето на истиот, сите учесници треба да си го запишат своето корисничко име на проектната страница, заедно со статиите кои ги напишале. Покрај пишувањето на нови статии, учесниците имаат можност и значајно да надополнат некоја постоечка статија.

Во натпреварот имаат можност да учествуваат сите регистрирани корисници на Википедија на македонски јазик, а за најдобрите учесници се обезбедени награди.

Награди ќе им бидат доделени на тројцата најплодотворни учесници во облик на вредносни купони, и тоа:

  • Прва награда: купон во вредност од 4.000 денари.
  • Втора награда: купон во вредност од 3.000 денари.
  • Трета награда: купон во вредност од 2.000 денари.

За да се освои било која награда, потребно е да се создадат или подобрат најмалку 20 статии!

Ве повикуваме да се вклучите и да дадете свој придонес кон збогатување на слободното знаење за една од најважните теми поврзани со заштитата на животната средина. Преку вашето учество во уредувачката седмица „Управување со отпад“, не само што ќе помогнете во информирањето на јавноста, туку ќе имате и можност да освоите награда за вашиот труд. Уредувајте, натпреварувајте се и инспирирајте други! Заедно создаваме подобра и поодржлива иднина – преку слободното знаење!

Википедијанци од Македонија учествуваа на „Викимедија младинска конференција 2025“ во Прага

Од 16 до 18 мај 2025 година, во Прага, Чешка се одржа конференција посветена на младите википедијанци –„Викимедија младинска конференција“. На настанот присуствуваа околу 80 млади и активни уредници од повеќе од 60 држави, под заедничката тема: „Како да привлечете млади луѓе на Википедија?“ Целта на конференцијата беше да се создаде простор за дискусија, соработка и размена на идеи за зголемување на младинското учество во движењето Викимедија. Програмата беше збогатена со работилници, дебати и интерактивни сесии, насочени кон идентификување на предизвиците со кои се соочуваат младите волонтери, како и начините за нивно надминување.

Македонија имаше свој тим кој присуствуваше на настанот составен од Јован Тасевски – менаџер за заедница и логистика на Викимедија МКД, Симона Трајкоска и Олја Алексовска – волонтери во организацијата. Тие активно учествуваа во сите дискусии и придонесоа со свои перспективи за состојбата во Википедија на македонски јазик.

Првиот ден започна со воведен говор од Клара Јоклова, извршна директорка на Викимедија Чешка и организатор на конференцијата. Следеше сесија за запознавање, социјални игри и дебата околу темата „Бројот на млади луѓе кои користат Википедија се намалува“, каде се издвоија различни мислења и предлози за справување со овој тренд. Во текот на денот, се зборуваше и за тоа дека гласот на младите често е занемарен и недоволно слушнат во заедниците. Вечерта продолжи во релаксирана атмосфера со заедничка вечера и дружење.

Вториот ден започна со дебата за ризикот од „прегорување“ кај младите волонтери поради недоволна поддршка или недоволно вреднување на нивниот труд од поискусните уредници. Во продолжение следуваа низа предавања на различни теми поврзани со Википедија и заедницата, со особен акцент на меѓусебната размена на искуства.

Третиот ден беше резервиран за групна работа каде се разгледуваше улогата на младите во локалните заедници, како и можностите за регионална и јазична соработка. На крајот, учесниците беа поделени според региони и разменија идеи за заеднички проекти во иднина. Конференцијата заврши свечено, со говори на организаторите и инспиративно обраќање од Клара Јоклова, која ги повика сите млади википедијанци да продолжат со ентузијазам и соработка, и да го шират духот на заедништво во своите локални заедници.

За македонските учесници, ова беше повеќе од обичен настан – беше вредно и инспиративно искуство кое ги поттикна на размислување, но и на акција. Размената на идеи со врсници од целиот свет, препознавањето на сличните предизвици и желбата за соработка отворија нови хоризонти за ангажман на младите википедијанци. Овој настан покажа дека македонските википедијанци имаат што да понудат и дека нивниот глас се слуша и вреднува во глобалната заедница.