САЛОН ЗА СТРАТЕГИЈА ЗА МЛАДИ

Во Скопје, на 10 септември 2019 година, се одржа првиот „Салон за стратегија за млади“ во организација на ГЛАМ Македонија. Здружението за умножување на слободни содржини ГЛАМ Македонија, како дел од семејството на групи и ограноци на Викимедија, за првпат го донесе овој вид на собир на активисти на движењето Викимедија во нашата држава, најпрвин со „Салон за стратегија“ за возрасни, кој се одржа на 27 јули, а сега и со „Салонот за стратегија за млади“, во траење од три часа.

„Салонот за стратегија за млади“ во Скопје беше еден од единаесетте салони одржани низ светот, а одобрени од Фондацијата Викимедија, каде за првпат на картата се најде и Скопје. Салонот се одржа на 10 септември, на кој зедоа учество вкупно 33 ученици, сите членови на Вики Клубовите кои ги раководи ГЛАМ Македонија. Учениците доаѓаа од над 10 училишта од Македонија, односно, од 4 различни Вики Клубови.
Активностите на учесниците на овој „Салон за стратегија за млади“ беа поврзани со дискусија за тоа како да се постигне поголема вклученост на младите, како да се поттикнат различните групи да бидат присутни како уредувачи на Википедија, а едно од клучните прашања на кои се дискутираше беше и прашањето поврзано со волонтеризмот, како и за лошото однесување на Википедија од страна на некои корисници.


Фондацијата Викимедија веќе подолго време активно работи на реализацијата на својата визија за што поголем и бесплатен пристап на луѓето до слободното знаење и информации. Преку нејзиниот најголем проект „Википедија“, Фондацијата до сега има достигнато огромни резултати. Википедија на македонски јазик е дел од семејството на јазици на кои се прикажува Википедија, и истиот има над 100.000 статии. Целта на ГЛАМ Македонија и нејзините активисти е овозможување на што поголеми и подетални содржини на македонски јазик, секако бесплатно за користење и умножување.