ВИКИ КЛУБ ДЕМИР ХИСАР

На 24 септември 2021 се одржа отвoрањето на новиот Вики Клуб Демир Хисар. Со ова се надеваме дека ќе дојде до уште повеќе статии и збогатување на Википедија на македонскиот јазик, како и до зголемување на активните ученици-википедијанци кои ќе помогнат за стварање на овие мисии.

Ова е осми Вики Клуб во Македонија што ги води ГЛАМ Македонија.

Дел од атмосферата можете да видите на фотографиите:

ВИКИМАНИЈА 2021

Од 13 до 17 август 2021 година се одржа конференцијата Викиманија (16-та по ред). Викиманија е најголемата википедијанска конференција на глобално ниво која за првпат се одржа онлајн, а членовите на ГЛАМ Македонија ја имаа среќата да ја следат заеднички. Беа одржани четири заеднички средби за следење на Викиманија: три во Скопје и една во Охрид.

ДЕН НА МЛАДИ

По повод меѓународниот ден на млади, на 12 август 2021 година во претседателската резиденција беше одржан настан за вмрежување во организација на МладиХаб, Кабинетот на претседателот на Северна Македонија и Британската амбасада во Скопје. На настанот наш претставник беше претседателката Снежана Штрковска.

МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА НАЦИОНАЛНИТЕ ПАРКОВИ

По повод меѓународниот ден на националните паркови, на 21 јули 2021 година, во соработка со националниот парк Галичица нашите википедијанци од Вики клуб Охрид под водство на Наташа Неданоска, пишуваат статии на тема водоземци.

Во текот на работилницата, биле создадени 11 статии, меѓу кои за:  Македонски мрморец, гаталинка, зелена крастава жаба, и други.

СТАТИИ БЕЗ ИЛУСТРАЦИЈА 2021

Во рамките на кампањата Википедија, на меѓународно ниво, Статии без илустрација (на англиски јазик: Wikipedia Pages Wanting Photos – WPWP) во периодот од 1 јули до 31 август 2021 година ќе се вметнуваат фотографии и илустрации на соодветните статии. Целта на кампањата е всушност да се премости огромниот јаз, и постоечките статии да се надополнат со соодветни фотографии. Во текот на минатогодишното издание на кампањата WPWP, како и низ годините, „ГЛАМ Македонија“ преку повеќе проекти и фотографски натпревари, досега има поставено илјадници фотографии на Заедничката ризница. Како и минатата, така и оваа година здруженијата на граѓани „ГЛАМ Македонија“ и „Споделено знаење“ ја организираат оваа кампања за Википедија на македонски јазик. Македонските уредувачи што ќе учествуваат ќе имаат можност да добијат
некоја од посебните награди што ги обезбедивме, а исто така ќе можат и да освојат и некоја од меѓународните награди. За да учествувате потребна ви е корисничка сметка на Википедија и доколку немате ќе мора да направите. Освен тоа, треба да ги следите и другите правила за учество, кои може да ги најдете на проектната страница.

ЗАПОЧНУВАЊЕ НА СОРАБОТКА СО НАЦИОНАЛЕН ПАРК ГАЛИЧИЦА

Еден од нашите најпосветените членови, Наташа Неданоска, вчера започна со работа во Националниот парк Галичица, како матичен Википедијанец. Имено, во текот на следниот период нашите Википедијанци ќе изработуваат статии за уникатните флора и фауна во еден од нашите најбогати национални паркови. На вчерашната работилница учествуваа ученици, членови на Вики Клубот Охрид. Активностите, кои ќе се одвиваат во следиот период, е дел од поголем проект, кој ГЛАМ Македонија го организира во соработка со Националниот парк Галичица. Ова ново партнерство е од огромна значајност за збогатувањето на Википедија на македонски јазик.

УРЕДУВАЧКИ НАТПРЕВАР „БИОСФЕРНИ РЕЗЕРВАТИ ВО СВЕТОТ“ – РЕЗУЛТАТИ

Во уредувачкиот натпревар за ученици на возраст од 15 до 18 години на тема „Биосферни резервати во светот“, кој започна на 19 април 2021 година и траеше до 9 мај 2021 година, 7 млади уредувачи зедоа учество и ја збогатија Википедија на македонски јазик со 123 нови статии.
Најдобро уредените статии беа наградувани секоја седмица.
– I седмица, Мамутска пештера (национален парк) од Pta345MK
– II седмица, Биосферен резерват на пеперугата монарх од SirGoldenBlade
– III седмица Пенеда-Жереш од SirGoldenBlade

 

Според доделените поени од страна на жири комисијата, крајните резултати може да ги погледнете тука.
1. SK827 – 787
2. Pta345MK – 658
3. SirGoldenBlade – 265

Натпреварот беше одржан во соработка со здружението „Споделено знаење“.

Им честитаме на добитниците!

НАТАША НЕДАНОСКА, со нов сертификат

Во период од 3 месеци, координаторот на Вики Клуб Охрид и едукатор за образование на ГЛАМ Македонија Наташа Неданоска, учествуваше на курсот за Градење партнерство, организиран од страна на тимот за развој на заедницата (Community Development team) на Фондацијата Викимедија како дел од пилот програмата
(Wikilearn pilot). Со завршувањето на курсот, Наташа доби сертификат за дизајнирање и извршување партнерство за заедницата на Викимедија.

Честитки до Наташа од целиот тим на ГЛАМ Македонија.

БЛАГОДАРНИЦА ЗА ВИКИ КЛУБ ОХРИД

Здружението за ретки болести им додели благодарници на Наташа Неданоска и на Вики Клуб Охрид за уредувачкиот маратон во рамките на соработката со кампањата „Ги запознаваме ретките болести“. Википедија на македонски јазик е збогатена со статии за 83 ретки дијагнози!
Наташа Неданоска е професор по македонски јазик и литература, работи како наставник во основно училиште, координатор на Вики Клуб Охрид и едукатор за образование на ГЛАМ Македонија. Секоја година, Вики Клуб Охрид го посветува месец февруари на збогатување на содржините на Википедија на македонски јазик и подигање на свеста за ретките болести под мотото „За да не се ретки оние кои знаат за ретки“. ГЛАМ Македонија им благодари на сите волонтери на Вики Клуб Охрид за успешното збогатување на Википедија на македонски со содржини од големо значење.

 

УРЕДУВАЧКИ МАРАТОН „СВЕТСКИ ДЕН НА АНГЛИСКИОТ И ШПАНСКИОТ ЈАЗИК“ – РЕЗУЛТАТИ

На 23 април 2021 година се одржa уредувачки маратон на тема „Светски ден на англискиот и шпанскиот јазик“. Активноста е дел од глобалните симболични „Светски ден на шпанскиот јазик“ и „Светски ден на англискиот јазик“ којшто се одвива во текот на месец април 2021 година.
Учество во уредувачкиот маратон земаа 20 уредувачи кои ја збогатија Википедија на македонски јазик со 28 нови статии на дадените теми. Сите новосоздадени статии може да ги погледнете тука.