Покрај викиекспeдициите и геокспедициите, археоекспeдициите се уште еден успешен проект на Викимедија МКД кој има за цел да ја истражи Македонија. Овој проект има за цел да помогне во подобрување на постоечките и создавање на нови статии за археолошките наоѓалишта и наоѓалишта, и нивните особености во областите низ целата територија на Македонија на македонски јазик од страна на активните корисници и уредувачи, како и самите членови на здружението.
За оваа 2024 година беше планирана една археоекспeдиција која беше успешно реализирана. На 24 ноември нашиот тим од википедијанци го посети Градиште кое се наоѓа во близина на селото Град, во Општина Делчево.
Википедијнците се упатија во раните утрински часеви кон Делчево, но со претходно застанување во Македонска Каменица за да појадуваат. Самото археолошко наоѓалиште Градиште се наоѓа на врвот на ридот над селото и преовладува во самото село. Од тврдината се зачувани доста од бедемите и кулите и за него се вели дека наоѓалиштето најверојатно е доцноантичкиот град Армонија. До наоѓалиштето може да се дојде од двете страни во селото, но нашиот тим се одлучи да го следи текот на малата река низ селото и да ја оставиви колата на само неколку стотина метри од тврдината. Пред да се дојде до самата тврдина википедијанците направија фотографии од пештерата „Коњска Дупка“, која претставува најисточна пештера во Македонија. Во поново време кај тврдината е подигнат крст, кој надвиснува над кулите и селото. Додека еден од членовите на тимот го управуваше дронот за добри снимки и фотографии од тврдината, останатите членови прошетаа низ кулите и остатоците на тврдината.
Бидејќи уште при првата посета на селото во рамки на проектот „Викиекспидиции” мештаните кажуваа за некаков тунел под тврдината нашиот тим се упати да го најде, за кој мештаните тогаш велеа дека бил дел од планот за изградба на пруга кон Бугарија. По малку барање каде точно се наоѓа влезот на тунелот, бидејќи истиот е целосно обраснат, тимот успеаа да го најде и да влезе само неколку метри во неговата внатрешност бидејќи истиот е исполнет со вода.
На крајот на самата археоекспидиција беа направени и фотографии од самото село, основното училиште и селската црква.
Археоекспедициите ја потврдуваат важноста на заедничката работа за зачувување и промовирање на културното наследство. Посетата на Градиште, со сите откритија и документирани информации, претставува голем придонес за Википедија на македонски јазик и еден чекор напред во нашите напори за дигитализација на културните и историските знаменитости.
Со секој изминат проект, ентузијазмот за истражување расте, а македонските археолошки и природни богатства добиваат заслужено внимание и признание. Ваквите активности ги инспирираат сите љубители на историјата и културата да се приклучат кон мисијата за запознавање, документирање и зачувување на нашето наследство за идните генерации.