Деветтата конференција на википедијанци позната како Викилајв се одржа на 10 и 11 мај 2025 година во Белград, во СКИП Центарот. Настанот се одржа под слоганот „Заедно градиме свет на слободно знаење“ и собра околу 50 уредници и соработници на проектите на Википедија. Овогодишната програма се фокусираше на работилници, дебати и создавање простор за дискусија за актуелни теми на Википедија.
Викилајв е локална конференција на википедијанци од Србија и од регионот. Собирот е наменет за волонтери, уредници, партнери и секој што сака да биде дел од заедница која секојдневно придонесува за слободно знаење на интернет преку работа на Википедија и други проекти на Викимедија. Од Македонија претставник на настанот беше Боса Филиповиќ- менаџер за образовна програма на Викимедија МКД.
Во првиот дел на предавањето предавачите се осврнаа на иднината на Википедија, локалните и глобалните новости, веродостојноста на референците, но и раното усвојување на критичкото размислување. Презентирани беа актуелните трендови и предизвици со кои се соочуваат проектите на Викимедија: дезинформации, говор на омраза, релевантност, прегорување, како и прилагодување кон брзите технолошки промени.
Најголемо внимание привлече психолошкиот панел „Однесување во онлајн заедницата и предизвици“, предводен од Небојша Ратковиќ, менаџер на образовната програма на Викимедија Србија. Целите на презентацијата и работилницата беа пред сè да се разбере од каде доаѓаат конфликтите, одредени однесувања во семрежната заедница како што е заедницата на Википедија, да се размисли за следниот пат кога ќе се најдеме во конфликтна ситуација, да се одговори соодветно и да се насочи конфликтот кон нешто конструктивно што може да ја подобри работата на заедницата. За време на панел-дискусијата, учесниците решаваа ситуациски задачи, а имаа и можност за лична рефлексија.
Претставникот на Викимедија МКД, Боса Филиповиќ во своето излагање ја претстави работата на македонската заедница, со посебен фокус на уредувачките натпревари и маратони што ги организира Викимедија МКД. Филиповиќ детално зборуваше за методологијата на спроведување на овие настани, нивната едукативна улога, како и за ефектите што ги имаат во зголемувањето на содржините на Википедија на македонски јазик. Таа истакна дека преку тематски уредувачки активности, заедницата успева да мотивира нови уредници и да создаде простор за учење, вмрежување и размена на искуства. Исто така таа зборуваше за различен тип на наградно уредување кое го има спроведено Викимедија МКД, наместо по поени, наградата да се доделува со извлекување. Овие уредувачки маратони на Викимедија МКД беа еднодневни и позврзани со светските денови. Филиповиќ ги престави минатогодишниот уредувачки маратон „Чајанка“ и овогодинешниот уредувачки натпревар за џез, како и плановите за идните натпревари од овој тип. Нејзината презентација наиде на позитивни реакции од присутните.
Вториот ден од конференцијата започна со презентација на Небојша Ратковиќ, на тема две децении од образовната програма на Викимедија Србија. Ратковиќ го презентираше раѓањето на идејата за користење на Википедија во образованието, првата статија на Википедија, акредитациите и професионалната обука, организирањето образовни програми и содржини за млади и студенти, и ги покани сите присутни да се приклучат на програмата и да предложат нови идеи.
Темата за генеративна вештачка интелигенција која е веќе широко застапена во сите области, а какви можат да бидат ризиците при нејзино користење, објасни професорката Ана Ковачевиќ од Факултетот за безбедност во Белград.
Конференцијата заврши со доделување на наградата „Бранислав Јовановиќ“. Овогодинешен добитник е Жана Гњатовиќ, уредничка на Википедија, библиотекарка во библиотеката „Карло Бјелицки“ во Сомбор, каде што ги спроведувала активностите од проектот Вики Сениор.
Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.