Белград – осма Викилајв конференција

На 18 и 19 мај 2024 година се одржа осмата по ред „Викилајв конференција“ во Белград, Србија.

Конференцијата беше одржана во СКИП центарот, во рамки на Министерството за државна управа и локална самоуправа. Викилајв конференцијата беше под мотото „Споени во знаењето“, а учествуваа околу 70 уредувачи и соработници на проектите. Се одржаа многубројни предавања, панел дискусии, дружење и споделување на проекти поврзани со Википедија, сè до разговори за тоа како алатките на вештачката интелигенција може да помогнат за Википедија.

Оваа година, од Македонија учествуваа Нино Богдановски и Кирил Симеоновски, и двајцата членови на Извршниот одбор на Викимедија МКД, како и Тони Ристовски, кој беше учесник како претставник на ЦИЕ хаб. Предавањата со кои Кирил и Нино претставија дел од активностите на македонската заедница беа: Содржини на знаковен јазик како нова форма на знаење, и претставувањето на Викиобука што ќе се одржи во Преспа на почеток на септември.

„Мене лично ми е второ учество на оваа конференција која има и мал регионален карактер. Лично сметам дека ваквиот тип на настани се одличен начин да се види што се работи во регионот на тема Википедија и сите Викимедини проекти, можност е да се добие некоја идеја плус, како и потенцијал да се склучи или разработи некој проект кој би имал меѓуграничен карактер“ – ијзави Нино Богдановски.

Конференцијата заврши со сесијата „На кафе со Викимедија“, кога присутните имаа можност да поставуваат прашања на членовите на Управниот одбор на Викимедија Србија, а потоа со доделување на наградата Викимедија „Бранислав Јовановиќ“. Ова е годишна награда која Викимедија Србија ја доделува на уредниците на Википедија на српски јазик за нивниот придонес во ширењето на слободното знаење. Овогодинешниот добитник на наградата е Бранка Вучиќевиќ Вучковиќ, која го води проектот „Надгробни споменици во Србија“.

Учесниците се здобија со сертификати за следење и присуство на конференцијата.

На фотографиите може да ги видите сите учесници на Викилајв, дел од атмосферата, како и претставниците од Македонија.