Проектот „Викиексперименти“ веќе цела деценија претставува важна алка во популаризацијата на науката и достапноста на научните содржини на интернет. Во овие десет години, проектот се развиваше и надградуваше во континуирана соработка со научни институции, истражувачки центри и високообразовни установи ширум Македонија. Благодарение на поддршката од професори, асистенти и научни работници, „Викиексперименти“ успеа да создаде богата база на едукативни видеозаписи кои ги прикажуваат научните експерименти на јасен, визуелно разбирлив и пристапен начин.
Проектот започна во 2015 година со цел да се понудат квалитетни и отворено достапни материјали кои може да се користат во наставата, научната комуникација и самообразованието. Со текот на годините, неговиот опфат значително се прошири – денес видеозаписите покриваат широк спектар научни области, меѓу кои физика, хемија, биологија и други дисциплини. Секој експеримент се снима во стручна соработка со научни кадри од релевантни институции, што гарантира квалитет, точност и научна релевантност.
Сите создадени материјали се подигнуваат на Заедничката ризница на Викимедија – глобалната медиумска библиотека која ги снабдува проектите на Викимедија со бесплатни фотографии, илустрации и видеосодржини. Благодарение на тоа, видеозаписите од „Викиексперименти“ се користат на статии во Википедија на различни јазици, во едукативни презентации, училишни часови, како и во научнопопуларни содржини кои се достапни ширум светот.

Oвој пат на 26.11.2025 година во просториите на Институот за биологија при ПМФ, професорката Сара Цветаноска изведуваше експерименти по биологија од различна прирорда. Притоа, член на тимот на Викимедија МКД со камера со висока резолуција ги снимаше обидите, кои подоцна се доработуваат и прикачуваат на Заедничката ризница. Професорката Цветаноска на мошне вешт начин успеаа да направи експерименти со цел истите да бидат снимени и понатаму употребувани од пошироката публика. Самите видеозаписи може да се употребуваат за образовни цели од различни возрасти, студенти, но и од љубители на биологогијата кои сакаат да ја проучат подлабоко оваа природна наука.
Со влегувањето во десеттата година од своето постоење, проектот продолжува со нови обиди, нови снимања и уште поголема посветеност кон создавање квалитетни научни материјали што се слободно достапни за сите. „Викиексперименти“ останува пример за успешна соработка меѓу академската заедница и отвореното знаење, покажувајќи дека науката може да биде разбирлива, достапна и инспиративна за секој љубопитен ум.
Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.