Викиманија прослави 20 години со пораки за вклучителност, влијание и одржливост

Овогодинешната конференција Викиманија се одржа во Најроби, Кенија во периодот 6–9 август 2025 година под слоганот „Вклучителност. Влијание. Одржливост“. Ова беше јубилејното 20. издание на конференцијата којашто по третпат се одржа во Африка и по првпат во подрачјето на Источна Африка. Место на одржување на настанот беше хотелот Трејдмарк, а на конференцијата учествуваа 776 учесници со физичко присуство и околу 1.600 учесници на далечина од над 135 земји. Претставник на викизаедницата во Македонија беше Кирил Симеоновски – член на Извршниот одбор на Викимедија МКД.

Викиманија е главен меѓународен собир на викимедииното движеење којашто секоја година се одржува во различен дел од светот во организација на месната викизаедница со поддршка од страна на Фондацијата Викимедија. Темите коишто се застапени на конференцијата се однесуваат на викимедиините проекти, програмите со отворен код, слободното знаење, како и активностите коишто се прават за нивно промовирање во општеството. Конференцијата за првпат е одржана во Франкфурт, Германија во 2005 година.

Слично како и во изминатите години, програмата вклучуваше претконференциски ден на којшто се одржаа повеќе кратки семинари и состаноци. Особено внимание привлече семинарот наменет за уредници со посебни права на којшто уредниците коишто располагаат со овие права (на пр. администратори, бирократи итн.) имаа можност да споделат искуства за употребата на администраторските алатки, како и да се запознаат со борбата против дезинформациите, посредувањето при решавање на спорови и алатките коишто помагаат да се постигне неутрална гледна точка.

Свеченото отворање на конференцијата се одржа на 6 август во попладневните часови. Најпрво, присутните беа пречекани со традиционален племенски танц од Кенија, по што следуваше претставување на членовите на организацискиот одбор на конференцијата. Говор за време на отворањето одржа и извршната директорка на Фондацијата Викимедија Маријана Искандер којашто се осврна на претстојното одбележување на 25-годишниот јубилеј од постоењето на Википедија на почетокот на 2026 година. За крај, на сцената излезе соосновачот на Википедија Џими Велс којшто ги обзнани добитниците на наградата „Викимедијанец на годината“ во неколку категории. Добитник на главната награда беше Роберт Сим за неговиот придонес во создавањето содржини поврзани со Сингапур на Википедија, основањето корисничка група во оваа земја во 2023 година, како и помошта за координирање на Викиманија којашто истата година се одржа во Сингапур. Свеченоста продолжи со неформален дел во којшто учесниците имаа можност со пијалак меѓусебно да се запознаат и дружат.

Главната конференциска програма се состоеше од предавања, работилници, панел-дискусии, демонстрации и кратки говори на теми поврзани со развојот на заедниците, примената на Википедија во образованието, документирањето на културното наследство преку соработка со ГЛАМ-установи, обезбедувањето и искористувањето отворени податоци, спроведувањето проекти за премостување на јазовите во поглед на разноликоста и инклузивноста, ползувањето на наодите од спроведените истражувања на Википедија при осмислувањето мерки и политики, развојот на алатки за зголемување на продуктивноста во уредувањето, како и влијанието на вештачката интелигенција во развојот на викимедиините проекти. За време на конференцијата беа доделени и наградите за најзанимливите алатки, и тоа: AbuseFilter Analyzer како најкорисна алатка за заедницата, Database Report како најунапредена и Paulina како најиновативна алатка. Програмата вклучуваше и сесии коишто имаа за цел да го привлечат вниманието на присутните на креативен начин, па така последниот ден од конференцијата се одржа работилница во којашто присутните беа запознаени со постојните викиигри коишто користат содржини од викимедиините проекти, а потоа секој присутен беше повикан да осмисли концепт за пет нови игри коишто понатаму ќе бидат разгледани од страна на техничките лица во Фондацијата Викимедија.

Конференцијата беше затворена со свеченост којашто се одржа на 9 август во попладневните часови. На затворањето им се изрази благодарност на членовите на организацискиот одбор за успешно организираната конференција, а потоа беше претставен организацискиот одбор на Викиманија 2026 којашто ќе се одржи во Париз, Франција во периодот 21–25 јули 2026 година. Потоа, на сцената се појави викимедијанскиот хор којшто изведе неколку познати свахилски песни. Свеченоста заврши со забава во вечерните часови на којашто имаше музика во живо и се служеше традиционална храна.

Освен официјалниот програмски дел, конференцијата изобилуваше со дружење и друштвени настани коишто беа организирани во Најроби и во неговата околина. Голем број од учесниците отидоа на сафари во околниот национален парк „Најроби“, интерес имаше и во посета на урбаната шума Карура којашто се наоѓа во градот, а некои посетија подалечни места во Кенија и околните земји.