Уредувачките маратони, натпревари, како и уредувачките денови и викенди, претставуваат креативни и едукативни активности кои Викимедија МКД со големо задоволство ги организира. Главната цел на овие настани е збогатување на содржината на Википедија на македонски јазик, како и намалување на содржинските јазови во различни области. Овие активности ги инспирираат учесниците да продолжат со нивниот придонес кон слободното знаење, создавајќи вредност која останува трајна за сите корисници на енциклопедијата.
По повод Светскиот ден на планините, кој се одбележува секоја година на 11 декември, Викимедија МКД организираше уредувачки маратон. Настанот вклучуваше работилница со предавање, проследено со уредувачки маратон на тема „Планини“. Во него учествуваа членови од Вики клубот Скопје, составен од ученици од гимназијата „Јосип Броз – Тито“ под раководство на координаторката Ирена Трајковска Стерјовска. Со својот ентузијазам и труд, седум ученици дадоа значаен придонес кон збогатување на содржината на Википедија на македонски јазик.
Првиот дел од настанот беше резевиран за планинарот Игор Делов, кој беше поканет да се обрати пред присутните и да даде свој поглед кон планинарството и значењето на планините. Важноста на планините и нивната заштита беше особено потенцирана од Делов, кој потоа го презентира алпинизмот, придобивките од спортувањето и бенефитот кој може да се добие од овој вид на спорт. Дополнително, учесниците се запознаа со опремата за овој вид на спорт, како и соодветните мерки за безбедност и заштита при планинарењето.
По предавањето следеше заедничко уредување на тема „Планини“. Учесниците, потпомогнати од организаторите, уредуваа, подобруваа и објавуваа статии на Википедија на македонски јазик. Вкупно беа објавени 15 нови статии.
Преку фотографскиот материјал ви прикажуваме дел од атмосферата на овој настан.