Викимедија МКД одржа конференција за наставници во ООУ „Наум Охридски“ во Црешево, Скопје

Образовната програма на Викимедија МКД има за цел да ја приближи слободната енциклопедија Википедија, како и останатите Викимедија проекти до наставниците и учениците. Преку оваа програма се охрабрува употребата на слободни образовни ресурси и критичко мислење, како и развивање на уредувачки вештини кај младите. Наставниците можат да ги користат овие алатки како дополнителна поддршка при изработка на проекти, подготовка на наставни материјали и вклучување на учениците во активности кои придонесуваат кон зголемување на слободното знаење достапно на интернет.

Во рамките на оваа образовна програма, Викимедија МКД на 5 ноември 2025 година одржа конференција за наставници во ООУ „Наум Охридски“ во Црешево, Скопје. Настанот беше наменет за запознавање на наставниот кадар со можностите што ги нудат проектите на Викимедија во наставниот процес. На конференцијата присуствуваа 20 професори од училиштето, кои се запознаа со можноста како Википедија да се интегрира во наставата и да ја поттикне дигиталната писменост кај учениците.

На конференцијата предавање одржа Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма на Викимедија МКД. Во своето излагање, таа на присутните им ја претстави мисијата и визијата на Викимедија, како и нејзината улога во унапредувањето на слободниот пристап до знаење. Филиповиќ детално ги запозна наставниците со самата енциклопедија Википедија – нејзината историја, структура, начинот на функционирање и принципите врз кои е изградена оваа глобална платформа за споделување информации.

Во текот на предавањето, таа објасни како Википедија може да се користи како ефективно наставно средство кое поттикнува критичко размислување, истражувачки дух и дигитална писменост кај учениците и студентите. Филиповиќ ги нагласи придобивките од активното користење и уредување на содржините на Википедија, меѓу кои се развивањето на вештини за проверка на факти, правилно цитирање извори и соработка во дигитална заедница.

Посебен акцент стави на тоа како правилно да се користи Википедија како информативен извор – нагласувајќи ја важноста од проверка на изворите, препознавање на веродостојни информации и избегнување на непотврдени или пристрасни податоци. Таа ги истакна и најчестите грешки што корисниците ги прават при уредувањето на статиите и сподели конкретни совети за тоа како тие можат да се избегнат.

На крајот од своето предавање, Филиповиќ ги презентираше основните принципи на Википедија, како што се неутралноста, проверливоста и слободниот пристап до знаење, со што го поттикна интересот на учесниците да станат дел од заедницата на уредници и активни придонесувачи во ширењето на слободното знаење.

Настанот заврши со интерактивна дискусија во која присутните наставници имаа можност да ги споделат своите впечатоци, искуства и идеи за тоа како можат да ја применат Википедија во рамките на својата образовна програма. Во разговорот беа истакнати бројни можности за користење на Википедија и сродните проекти како алатки за развивање на аналитичко и критичко размислување кај учениците, како и за зајакнување на нивната медиумска и дигитална писменост.

Конференцијата беше дел од пошироката иницијатива на Викимедија МКД за промовирање на отвореното знаење како клучна вредност во современото учење. Настанот уште еднаш потврди дека отвореното и слободното знаење е моќен инструмент за градење на поинформирано, активно и креативно општество, а Викимедија МКД останува посветена на оваа мисија.

Дел од атмосферата ви ја доловуваме преку фотографски материјал кој може да се погледне на следнава врска.