Викимедија МКД постојано вложува напори да го прошири кругот на волонтери кои придонесуваат кон развојот на Википедија на македонски јазик. Наша цел е да ги вклучиме новите генерации и да ги инспирираме да станат активни учесници во збогатувањето на слободното знаење. Веруваме дека токму младите се иднината на оваа иницијатива, која овозможува достапност на знаењето за сите.
На 30 септември 2024 година, извршниот директор на Викимедија МКД, Снежана Штрковска, и менаџерот за образование, Боса Филиповиќ, ја претставија Викимедија МКД на Саемот на организации, организиран во Mеѓународното училиште „Нова“. Овој саем, кој се одржува по вторпат, е дел од програмата CAS (Креативност, Активност, Сервис), чија цел е да ги поттикне учениците да излезат од своите комфорт зони и да се вклучат во општествено-одговорни активности. Овие проекти имаат за цел да создадат позитивно влијание во различни сфери на општеството и да ја развијат свеста кај младите за нивната улога во заедницата.
Настанот започна во 10:30 часот и привлече големо внимание од страна на учениците. Тие со голем ентузијазам го посетија штандот на Викимедија МКД, каде што имаа можност да се запознаат со различни проекти на организацијата. Многу од нив покажаа интерес да се вклучат како волонтери и да придонесат во збогатувањето на содржините на Википедија. Дополнително, учениците споделија свои идеи за идни проекти, што е од особено значење за нашата организација. Слушањето на новите идеи од најмладите ни помага да ја оформиме нашата визија за иднината и да создадеме проекти кои се релевантни и инспиративни за новите генерации.
Фокусот на Викимедија МКД останува на младите, бидејќи тие се идните носители на слободната енциклопедија. Со нивната енергија, креативност и иновативни идеи, веруваме дека заедно ќе продолжиме да го шириме слободното знаење и да градиме една глобална заедница каде секој има пристап до информации.