„Викисело”- уште еден успешен проект на Викимедија МКД

„Викисело” е проект на Викимедија МКД кој има за цел да ги промовира и истакнува градбите кои се културно наследство на Македонија лоцирани во македонските села, со поставување на информациски таблички до нивната непосредна близина. Табличките содржат назив на градбата, два QR кодови (еден на Википедија на македонски и англиски јазик) кои преку нивно скенирање со телефон водат до соодветните статии кои содржат информации за градбата. Покрај тоа проектот вклучува барање книги и други материјали, достапни информации со цел создавање создавање/подобрување на статиите на избраните градби

Проектот „Викисело” за оваа 2024 година е применет во Општина Демир Хисар. Проектот беше започнат во јуни 2024 година, со првични разговори со луѓето од општината кои се одговорни за туризам, урбанизам, како и со градоначалникот на општината. Целта на овие средби беше планирање на поставувањето на табличките и соработка за прибирање дополнителни информации.

Според разговорите со надлежните, како и според посетата на лице место, договорено беше да се постават табли на следниве места: една табла во новиот парк што летово се оформува во Демир Хисар на која ќе бидат означени сите 11 културни наследства на општината, една табла сред село во село Вирово, и поединечни табли на следните верски објекти: Слепченски Манастир, Топлички Манастир, Журчевски Манастир и Црква „Св. Димитриј“ – Жван.

Исто така при разговори со надлежните договорено беше да добиеме текстови за статии поврзани со општината, меѓу кои и биографии на досегашните градоначалници и некои други значајни личности. За неколку објекти кои се прогласени за културно наследство, а за кои нема статии, ниту пак општината не поседува информации, испратено беше барање за повеќе информации до Управата за културно наследство, како и од Теолошки факултет за некои цркви кои се сметаат за локално наследство.

Проектот се покажа како доста успешен. Веќе на 26 октомври 2024 година на Ризницата беа прикачени 73 фотографии и исто така подобрени 5 статии и создадени 7 нови статии. Додека пак таблите се готови, а се чекаат подобри временски услови за нивно поставување.

Со овој проект, културното наследство на Демир Хисар доби видливост и вредност не само за локалното население, туку и за туристите и истражувачите. Идните планови вклучуваат проширување на проектот во други општини низ Македонија, со цел да се зачува и промовира богатата историја и културно наследство на нашата земја.