Започна со работа Вики клубот во ООУ „Крсте Петков Мисирков” во Радовиш

Википедија, како најголема слободна енциклопедија во светот, овозможува секој да придонесува кон создавање и споделување на знаење. Една од најзначајните иницијативи за вклучување на младите во овој процес се Вики клубовите – едукативни заедници каде учениците учат како да уредуваат статии, проверуваат извори и придонесуваат кон развојот на слободното знаење. Преку ваквите клубови, младите стекнуваат дигитални вештини, критичко размислување и активно учествуваат во креирање на едукативни содржини достапни за сите.

За таа цел на 12 февруари 2025 година во основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во Радовиш за прв пат беше отворен Вики клуб, кој ќе има за цел да ги едуцира младите за уредување и креирање содржини на Википедија. Оваа иницијатива овозможува учениците да стекнат нови вештини во истражување, пишување и дигитална писменост.

Настанот започна со едукативно предавање од Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма на Викимедија МКД, која ги запозна учениците со основните принципи на Википедија, важноста на слободното знаење и правилата за уредување на енциклопедијата. Таа им објасни како функционира платформата, како се проверуваат изворите на информации и како се пишуваат енциклопедиски статии. Учениците со голем интерес го следеа предавањето, поставувајќи прашања за тоа како можат да придонесат за подобрување на содржините на Википедија.

По воведниот дел, учениците добија можност да уредуваат на Википедија. Со помош на менторите од Викимедија МКД,како и директорката на училиштето Гордана Здравковска и наставничките Јулија Свирков и Верица Спасова Исаиловска тие пишуваа  на тема Запознајте ја Словенија , која е тема на моменталниот уредувачки маратон за членовите на Вики Клубовите во Македонија, што се одржува од 1 февруари 2025 до 28 февруари 2025, а е во организација на Здружението Викимедија МКД во соработка со Словенечкиот центар – Скопје, поддржан од Амбасадата на Словенија во Скопје. Вкупно учествуваа седум ученици и беа напишани 11 статии.

Отворањето на Вики Клубот во Радовиш претставува значаен чекор во развојот на дигиталната писменост кај младите. Учениците не само што учат како да користат Википедија на правилен начин, туку и активно придонесуваат кон слободното знаење. Оваа иницијатива ќе продолжи со редовни средби, каде што членовите на клубот ќе имаат можност да стекнат нови знаења, да развијат критичко размислување и да ја подобрат својата способност за пишување.

Со овој вид на активности, младите стануваат дел од глобалната заедница на уредници на Википедија, а истовремено ги развиваат своите истражувачки и академски вештини. Вики клубот во Радовиш има потенцијал да прерасне во важен центар за промоција на слободното знаење во Македонија.

Преку фотографскиот материјал ви прикажуваме дел од атмосферата на овој настан.