Од 1 април па сѐ до 30 април 2024 се одржува уредувачкиот натпревар „СИЕ Пролет”- проект на здружението на граѓани „Викимедија МКД“, Википедија на македонски јазик и сите заедници во Средна и Источна Европа, кое има за цел да помогне во подобрување на постоечките и создавање на нови статии на различни теми од сите држави во рамките на регионот Средна и Источна Европа (СИЕ).
Учесниците во рамките на натпреварот треба да уредуваат статии кои се предложени во рамките на наведените списоци на проектната страница по земја од регионите на Средна и Источна Европа. Темите се обемни и може да придонесете со тема што вам ви се допаѓа од географија, култура и историја па сѐ до музички традиции и етнографски обележја. Изборот на темата ваш, а придонесот од големо значење за Википедија на македонски јазик.
Сите статии треба да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии треба да бидат напишани на енциклопедиски стил и да имаат извори. При уредување на натпреварот или по завршувањето на истиот, сите учесници треба да се запишат со кои статии учествувале. Во натпреварот имаат можност да учествуваат сите регистрирани корисници на Википедија на македонски јазик освен членовите на оценувачкиот одбор, а за најдобрите учесници се обезбедени награди.
Наградите за овој натпревар се предвидени да бидат вредносни купони за техничка стока и ваучери за книги, а ќе бидат доделени три награди за најдобрите тројца уредници, кои ќе бидат прогласени по оценувањето на статиите од страна на оценувачкиот одбор.
Исто така награди ќе биде доделени и за најдобрата статија, најдобар постоечки или нов корисник и најмногу уредени статии од различни земји.
Повеќе за уредувачкиот натпревар „СИЕ Пролет” може да прочитате на следниов линк.
Нови статии, нови содржини, нови награди. Пријавете се и учествувајте!