Истражување на природните знаменитости – Геоекспедиција 2025

Геоекспедициите се теренски истражувања посветени на откривање и документирање на природните и културните вредности на одредени подрачја. Тие претставуваат спој на истражување, фотографирање и собирање податоци, со цел значајните локалитети да бидат подобро претставени и зачувани во колективната меморија. Википедијанците преку овие активности работат на збогатување на содржините на Википедија, овозможувајќи пошироката јавност да добие точни и визуелно поткрепени информации за помалку познатите, но вредни природни знаменитости.

Во текот на 2025 година беше реализирана една геоекспедиција, која опфати неколку значајни природни локалитети во Скопската Котлина. Тимот ја реализираше оваа експедиција на 23 ноември 2025 година, и со оваа експедиција беа опфатени Острово и Катлановско блато, со цел да се направат дронски фотографии од природните знаменитости кои постојат во Скопската Котлина, а кои не се толку познати во пошироката јавност.

Воздушен поглед на Езерце

Најпрво тимот се упати во подрачјето меѓу селата Трубарево и Горно Лисиче, каде се наоѓа групата природни локалитети познати како Острово, Езерце и Трубаревски Арборетум. Пристапот до овие објекти беше предизвикувачки поради состојбата на пристапните патишта и изградбата во околината, но википедијанците сепак успеаа да ги документираат.

Сите три природни знаменитости се наоѓаат во непосредна близина. Најголема површина има Острово, кој како што и кажува името, претставува поранешен речен остров на реката Вардар. Поради промените на текот на Вардар, атарската граница помеѓу Трубарево и Горно Лисиче во денешни услови делува чудна, бидејќи се протега на двете страни на реката, па затоа и самото наоѓалиште Острово е помеѓу двете села.

Езерце и Арборетумот се наоѓаат едно до друго и образуваат една целина. Внатре во нив во минатото постоеле и кули за набљудување, објекти и има ограда, но тоа сега веќе не е случај. За жал состојбата на сите овие знаменитости е во исклучително лоша состојба, бидејќи се оставени без никаква заштита, не се оградени како на времето и нема никакви информативни табли дека тука се наоѓаат природни знаменитости.

На крајот од денот, беа фотографирани и делови од Катлановското Блато, иако работењето со дрон беше малку ограничено поради близината на зоната за слетување на аеродромот. Сепак, успешно беа направени неколку фотографии.

Воздушен поглед на Катлановско Блато

Во текот на оваа експедиција, беа поминати повеќе од 100 километри и документирани четири нови природни знаменитости, што ја направи експедицијата успешна и придонесе за подобро информирање на јавноста и збогатување на содржините на Википедија на македонски јазик.

Геокспедициите претставуваат важен придонес за истражување и промоција на природните вредности во Македонија. Тимот на Википедијанци со својата посветена работа ја збогати Википедија со нови фотографии и информации, овозможувајќи подлабоко разбирање на локалното природно наследство. Овој проект дополнително ги инспирира волонтерите и јавноста да продолжат со вакви активности и во иднина, со што ќе се подобри видливоста и достапноста на македонските знаменитости за сите заинтересирани.

Фотографскиот материјал од геоекспедицијата можете да го погледнете на следнава врска.