Соработката со Македонското еколошко друштво (МЕД) и овој пат се покажа како продуктивна и ефикасна. Имајќи го на ум фактот дека Викимедија МКД ја посвети својата ГЛАМ програма за 2024 на климатските промени, соработката со МЕД беше одлична можност да се пружат нови знаења и да се запознаат учесниците и пошироката јавност за суштината на овој глобален проблем.
На 30.5.2024 година во просториите на Музејот на македонската борба во Скопје, Викимедија МКД организираше предавање и уредувачки маратон за учениците од средното училиште „Јосип Броз“ од Скопје. Во заедничка соработка со Македонското еколошко друштво, настанот овозможи и едукативен дел, но и уредувачки дел каде учениците дадоа свој придонес за оваа тема преку пишување статии на Википедија на македонски јазик. Вкупно 10 средношколци предводени од професор Ирена Трајковска Стерјовска учествуваа на овој настан.
Настанот започна во 12:00 часот со предавањето на Фросина Пандуроска Драмиќанин – проектен координатор на Македонското еколошко друштво. Предавањето, кое траеше околу еден час, се осврна на почетните активности за заштита на животната средина, преку претставување на краток историски осврт кон оваа тематика. Самото предавање продолжи со елаборирање на глобалното затоплување и последиците од истото, за да заврши со движењата и организациските облици кои се борат против ваквиот голем светски проблем. Самото предавање беше проследено од дебата помеѓу учесниците и предавачите, која пак се покажа доста суштинска и сеопфатна.
Учесниците на настанот своите активности ги продолжија со заедничко уредување на Википедија на македонски јазик. Учесниците пишуваа и преведуваа статии на тема „климатски промени“ со што дадоа свој придонес за свеста на јавноста при борбата со овој голем светски проблем. Вкупно 13 нови статии беа напишани за време на овој настан.
Викимедија МКД продолжува со реализација на нови проекти и давање на свој придонес за оваа светска кауза преку научно-енциклопедиски активности и настани. Фотографскиот материјал е достапен и сакаме да ја споделиме атмосферата и со вас.