Секоја година на 8-ми април, Викимедија МКД се приклучува на глобалната иницијатива за одбележување на Меѓународниот ден на Ромите. Оваа иницијатива има за цел да ја подигне свеста и да ја зголеми покриеноста за ромската култура на Википедија. Меѓународната иницијатива е во времетраење во периодот 1-15 април 2024 година, а заедницата на Википедија на македонски јазик се вклучи во уредувачки потфати, со цел создавање и подобрување на содржини поврзани со Ромите и нивната култура.
Во рамките на оваа иницијатива, се организираа различни активности како што се уредувачки викенд и уредувачки ден посветени на теми поврзани со Ромите. Така, уредувачкиот викенд на тема „Ромска култура“ се одржа на 6 и 7 април 2024 година. Дополнително, Викимедија МКД одржa уредувачки ден на тема „Роми“ на 9 април 2024 година. Овие активности се дел од широката глобална иницијатива и се спроведуваат во повеќе земји низ светот.
Крајниот исход на глобалната иницијатива Меѓународен ден на ромите 2024 е 18 нови статии од страна на 15 различни корисници на Википедија. Преку овие уредувачки активности, Викимедија МКД ја поддржува мултикултурната разновидност и ги засилува напорите за вклучување на ромската заедница во дигиталниот простор.