Маркови Кули – Археоекспедиција 2025

Археоекспедициите претставуваат организирани теренски активности насочени кон истражување, документирање и визуелна презентација на археолошкото и културно-историското наследство. Нивната цел не е само евидентирање на локалитетите, туку и нивно доближување до пошироката јавност преку Википедија. Со користење фотографија, дронска технологија и теренска анализа, овие експедиции овозможуваат создавање трајни и веродостојни записи за значајни, но често недоволно истражени места.

Преку археоекспедициите активно се придонесува кон збогатување на слободното знаење и кон зголемување на видливоста на културното наследство. Документираните материјали се користат за подобрување на содржините на Википедија и сродните проекти, со што се обезбедува долгорочна достапност на информациите за истражувачи, ученици и пошироката јавност.

Во рамки на програмата за археоекспедиции за 2025 година, беше реализирана еднодневна теренска експедиција на 23 ноември 2025 година, која ги опфати археолошкото наоѓалиште Маркови Кули и селата Летевци и Брезица во неговата околина.

Воздушен поглед на тврдината и автопатот

Фокусот на експедицијата беше насочен кон визуелна документација на средновековната тврдина Маркови Кули, значаен културно-историски објект кој доминира во пејзажот на овој дел од регионот. Поради ограничувањата за летање воздухоплови во близина на Скопскиот аеродром, нашиот тим се упати во селото Летевци каде што беа изработени дронските фотографии, од каде тврдината е јасно видлива и може да се прикаже во целосен контекст. Воедно беа документирани и селото Летевци, неговата архитектура и локалната црква.

Иако временските услови не беа поволни, тимот ја продолжи експедицијата кон соседното село Брезица. Таму беше извршена документација на селската средина, како и на поранешната антиракетна база на Југословенската народна армија, лоцирана над селото кај Црн Врв. Локалитетот вклучува повеќе бункери, засолништа и инфраструктура поврзана со воените активности од периодот на Студената војна, што го прави значаен и од аспект на поновата историска меморија. Дополнително, беше направена дронска документација на поширокиот простор, со погледи кон околните населени места, вклучително и селото Рудник. Експедицијата заврши со фотографирање на трите цркви во Брезица, од кои две се дел од Брезичкиот манастирски комплекс.

Воздушен поглед на селото Брезица

Археоекспедицијата во Маркови Кули во 2025 година претставува уште еден пример за успешна теренска активност насочена кон систематско документирање на културното наследство. Со фотографирање на повеќе локалитети и села, како и со поминати над 120 километри теренска работа, експедицијата резултираше со значаен корпус на нови материјали за слободна употреба. Ваквите активности ја потврдуваат важноста на континуираното истражување и дигитална документација како основа за зачувување, промоција и пренесување на културното наследство на идните генерации.

Фотографскиот материјал од археоекспедицијата може да го погледнете на следнава врска.