Промовирањето на еднаквоста помеѓу луѓето – без разлика на нивниот пол, возраст, етничка припадност или јазик – претставува еден од највисоките приоритети на организацијата при нејзиното делување. Викимедија МКД доследно се залага за намалување на родовиот јаз во содржините на Википедија и нејзините проекти, што претставува цел кон која тежнееме и ја исполнуваме од година во година.
Во духот на оваа заложба, по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март, Викимедија МКД организираше уредувачки маратон, со што на достојно ниво се одбележа овој значаен ден за жените во нашата земја и ширум светот. Овогодинашниот уредувачки маратон се одржа на 6 март 2025 година, со активна вклученост и заеднички напори на македонската вики-заедница. Темата на овогодинашниот осмомартовски маратон беше „Жените на Македонскиот фронт“, посветена на жените кои одиграле значајна улога во македонската историја.
На настанот учествуваа 12 членови на Вики клубот од гимназијата „Јосип Броз-Тито“ – Скопје, кои, под менторство на професорката по историја Ирена Трајковска Стејровска, дојдоа во Музејот на македонската борба. Едукаторката Ана Вишинова одржа предавање за значајните жени во македонската историја. Предавањето, послужи како инспирација за учесниците, по што следеше заедничко уредување на статии поврзани со темата.
Крајниот резултат на овој уредувачки маратон е 10 новосоздадени статии на Википедија.
Ова претставува уште еден значаен чекор кон збогатување на слободното знаење и зголемување на видливоста на жените во историјата.
Дел од атмосферата од настанот може да ја проследите преку фотографски материјал достапен на следнава врска.
Нека е среќен 8 Март – Меѓународниот ден на жената!