Обука за уредување на Википедија за студентите од Природно-математичкиот факултет

На 31 октомври, во просториите на Природно-математичкиот факултет во Скопје, се одржа обука за уредување и пишување на статии на Википедија на македонски јазик, наменета за студентите од факултетот. Настанот беше организиран во рамките на соработката помеѓу Викимедија МКД и ПМФ, која официјално започна со потпишувањето на Меморандум за соработка на 7 октомври 2025 година.

Оваа обука претставува прв конкретен чекор кон реализација на заедничката цел – поттикнување на младите академски граѓани да придонесат кон збогатување на слободното знаење на македонски јазик. Преку учеството во овој проект, студентите имаат можност својата стручна пракса да ја реализираат на креативен и општествено корисен начин, со тоа што ќе пишуваат, уредуваат и надополнуваат статии на Википедија.

Обуката ја спроведоа Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма на Викимедија МКД и Јован Тасевски, менаџер за заедница на Викимедија МКД, кои ги запознаа студентите со основните принципи на Википедија, нејзината структура, правилата за уредување и проверливост на изворите, како и техничките аспекти на создавање содржина. Присутните имаа можност и практично да се запознаат со процесот на пишување и објавување на нови статии.

На настанот присуствуваа 6 студенти, кои за време на обуката напишаа вкупно 9 статии на теми поврзани со нивните студиски насоки и интереси. Со тоа, тие го направија својот прв чекор кон станување активни придонесувачи во Википедија на македонски јазик и во заедницата на слободното знаење.

Оваа активност е само почеток на континуираната соработка меѓу Викимедија МКД и Природно-математичкиот факултет, која има за цел да ги охрабри студентите и академската заедница да станат дел од глобалното движење за слободен пристап до информации. Во наредниот период се планираат дополнителни обуки и активности што ќе ја продлабочат оваа плодна соработка.

Со вакви иницијативи, Викимедија МКД продолжува да ја гради мрежата на партнери во образовниот сектор и да создава можности младите луѓе активно да придонесуваат кон развојот на слободното знаење во нашата земја.