Одржана конференција за наставници во СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито”- Скопје

Викимедија МКД посветено работи на тоа да обучи што повеќе луѓе за уредување на Википедија на македонски јазик. Со своите бројни активности и проекти, организацијата не само што ја проширува и унапредува содржината на Википедија на македонски јазик, туку и создава силна волонтерска заедница која заеднички придонесува кон остварувањето на целите на движењето Викимедија.

Меѓу клучните иницијативи се конференциите за наставници, каде што наставниците се обучуваат за користење на Википедија. Во свет каде што пристапот до информации е побрз и полесен од кога било, улога на наставниците како едукатори не е само да пренесат знаење, туку и да ги поттикнат учениците критички да размислуваат, да истражуваат и да придонесуваат кон отворено и достапно знаење. Токму Википедија, како најголема слободна енциклопедија, нуди огромен потенцијал за тоа. На овие конференции наставниците добиваат корисни алатки и насоки за тоа како оваа дигитална енциклопедија да стане дел од наставниот процес, отворајќи нови можности за учење и истражување во образованието.

 

Па така, на 4 февруари 2025 година Викимедија МКД одржа конференција за наставници во СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито” во Скопје. Оваа конференција беше посетена од 24 учесници, наставен кадар на училиштето кој пројави силна желба за користење на Википедија, како средство за наставни цели, така и како место каде се создаваат нови слободни содржини. Конференцијата започна во 12 часот во просториите на училиштето.

Најпрво се обрати Снежана Штрковска, извршен директор на Викимедија МКД  која ги запозна учесниците за самата енциклопедија, како функционира Википедија, кои се придобивките од употребата на Википедија како наставно средство и како правилно да се користи Википедија како информативен извор за точни и потврдени информации. По неа се обрати Ирена Трајковска Стерјовска која  ги запозна учесниците со својата работа и за достигнувањето на вики клубот која го води таа, а функционира во рамките на здружението. На самиот крај се обрати Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма на Викимедија МКД која која детално ги објасни најчестите грешки што се прават при уредувањето и ги презентираше основните принципи на Википедија.

Конференцијата помина во пријатна и работна атмосфера. На крајот од конференцијата, наставниците изразија голем интерес за понатамошна соработка со Викимедија МКД, а многумина од нив ја искористија можноста да постават конкретни прашања и да добијат практични совети за тоа како да започнат со уредување на содржини на Википедија. Како резултат на оваа средба, беше договорено организирање на дополнителни обуки и работилници, каде наставниците ќе можат да стекнат подетални вештини за користење и уредување на енциклопедијата.

Оваа иницијатива претставува значаен чекор кон збогатување на слободното знаење на македонски јазик и поттикнување на учениците активно да учествуваат во градењето на дигиталната писменост. Со вакви активности, Викимедија МКД продолжува да ја зајакнува мрежата на едукатори и волонтери, создавајќи силна заедница која работи на проширување на достапноста на знаењето за сегашните и идните генерации.

Дел од атмосферата ви ја доловуваме преку фотографски материјал кој може да се погледне на следнава врска.