Одржана конференција за наставници во СУГС „Кочо Рацин“ во Скопје

Викимедија МКД постојано работи на промоција и развој на Википедија на македонски јазик, настојувајќи да обучи што поголем број луѓе во процесот на уредување и создавање слободни образовни содржини. Освен што се посветува на збогатување на самата енциклопедија, организацијата активно вложува во градење на волонтерска заедница која ќе придонесе за одржливост и натамошен развој на Википедија на македонски јазик. Една од клучните активности во овој процес се конференциите за наставници, преку кои просветните работници добиваат насоки за користење на Википедија во наставата и нејзина примена како едукативна алатка.

Па така, на 27 февруари 2025 година Викимедија МКД одржа конференција за наставници во СУГС „Кочо Рацин“ во Скопје. Оваа конференција беше посетена од 15 учесници, наставен кадар на училиштето кој пројави силна желба за користење на Википедија, како средство за наставни цели, така и како место каде се создаваат нови слободни содржини. Конференцијата започна во 12 часот и 30 минути во просториите на училиштето.

Најпрво се обрати Снежана Штрковска, извршен директор на Викимедија МКД  која ги запозна учесниците за самата енциклопедија, како функционира Википедија, кои се придобивките од употребата на Википедија како наставно средство и како правилно да се користи Википедија како информативен извор за точни и потврдени информации. По неа се обрати Боса Филиповиќ, менаџер за образовна програма на Викимедија МКД која која детално ги објасни најчестите грешки што се прават при уредувањето и ги презентираше основните принципи на Википедија.  На самиот крај се обрати  Ирена Трајковска Стерјовска која  ги запозна учесниците со својата работа и за достигнувањето на вики клубот која го води таа, а функционира во рамките на здружението.

Конференцијата помина во пријатна и работна атмосфера. Учесниците беа заинтересирани за начинот на работа на Википедија, но и можностите кои постојат за употреба на енциклопедијата како едно од наставните средства во образовниот процес во Македонија.

Овој настан претставува само еден дел од заложбите на Викимедија МКД за развој на слободното знаење. Организацијата продолжува со планирање нови едукативни активности и соработки со образовни институции, со цел Википедија да стане уште подостапна и поприменлива во образованието. Преку вакви иницијативи, не само што се поттикнува критичко размислување и дигитална писменост, туку се создава и нова генерација на уредници кои ќе придонесат за збогатување на Википедија на македонски јазик.

Дел од атмосферата ви ја доловуваме преку фотографски материјал кој може да се погледне на следнава врска.