Одржана работилница на тема „Реки и езера во Словенија“ во соработка со Словенечкиот центар – Скопје

Преку образовната програма на Викимедија МКД  учениците и наставниците се запознаваат со Википедија како алатка за учење, истражување и создавање слободно знаење. Преку организирање на вики-клубови, обуки и натпревари, програмата има за цел да ги поттикне младите да развиваат дигитални вештини, како и да придонесуваат кон збогатување на содржините на Википедија на македонски јазик.

Во рамките на оваа образовна програма на 24 октомври 2025 година се одржа тематска вики-работилница насловена „Реки и езера во  Словенија“. Настанот се одржа во просториите на Викимедија МКД во Младинскиот културен центар (МКЦ) – Скопје, во организација на Викимедија МКД и Словенечкиот центар – Скопје, а во соработка со вики клубот при СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“ – Скопје.

На почетокот на настанот, свои обраќања имаа Сашо Стојковски од Словенечкиот центар – Скопје, Снежана Штрковска, извршна директорка на Викимедија МКД, и директорот на училиштето Александар Канурков. Во своите говори тие истакнаа дека меѓусебната соработка помеѓу образовните институции и организациите претставува значаен чекор кон поттикнување на младите да учат и да придонесуваат кон заедничкото добро.

Работилницата беше дел од континуираните активности за поттикнување на младите да придонесуваат кон слободното знаење преку Википедија. Учесниците работеа на статии посветени на реките и езерата во Република Словенија — тема што е природно поврзана со тековниот уредувачки натпревар за средношколци на тема „Реки и езера“, кој има за цел да ја збогати содржината на Википедија на македонски јазик со текстови поврзани со природните води во земјата и пошироко. Работата се одвиваше во пријатна и продуктивна атмосфера. Вкупно учествуваа 8 ученици и беа напишани 34 статии.

Настанот претставува уште еден успешен пример на соработка меѓу образовните институции и Викимедија МКД, чија цел е младите луѓе да се охрабрат да придонесуваат кон слободното знаење, да развиваат критичко размислување и да се запознаат со важноста на отворените и достапни информации за сите.

Со оваа работилница, Викимедија МКД и Словенечкиот центар – Скопје ја продолжуваат својата мисија за промоција на културната и природната разноликост преку дигитални алатки и едукативни активности, кои ја поврзуваат заедницата на младите уредници со теми од регионално и меѓународно значење.

Фотографскиот материјал од настанот може да го погледнете на следнава врска.