Викимедија МКД ја проширува својата мрежа на партерства и соработки. Организацијата има за цел да стапи во контакт и да оствари плодна соработка со голем број институции и организациски единици кои имаат волја и потенцијал да помогнат при креирањето на слободни соджини и да го направат пристапот до информации бесплатен за целата македонска читателска и образовно-научна јавност.
Најновата формализирана соработка доаѓа од Демир Хисар. Општина Демир Хисар и Викимедија МКД на 11 септември 2024 година потпишаа Меморандум за соработка. Овој меморандум ги потврдува заложбите на двете организации да соработуваат заедно, а поконкретно Општина Демир Хисар со својот потенцијал да помогне на Викимедија МКД при достигнување на своите зацртани цели – бесплатен пристап до слободни содржини и знаење. Преку културни, научни, историски, музејски и општествено-политички материјали, Демир Хисар ќе даде значајна помош и поддршка за остварување на целите на организацијата. Градоначалникот г-дин Никола Најдовски и извршниот директор на Викимедија МКД г-ѓа Снежана Штрковска во просториите на Општина Демир Хисар го потпишаа овој значаен документ за Викимедија МКД со што потенцијалите за делување на Викимедија МКД се значајно зголемени.
Викимедија МКД останува посветена на својот план за организациски и програмски раст. Сржта на својот развој го гледа во волонтерските капацитети на организацијата, како и соработката со македонските институции, организации, научно-културни и општествени органи. Зголемениот број на соработки ветува поголеми резултати за Викимедија МКД и организацијата стои на тој пат и ќе се води од тие принципи и понатаму во иднина.