Во соработка со Словенечкиот центар во Скопје, Викимедија МКД реализираше уште еден успешен и значаен настан кој значително ја збогати содржината на Википедија на македонски јазик. Овој настан претставуваше уште еден чекор кон остварување на нашата визија за креирање слободни, достапни и квалитетни информации на македонски јазик. Викимедија МКД, преку својата постојана работа, организира различни настани, работилници, обуки и заеднички уредувања, со цел да го намали содржинскиот јаз на македонската Википедија и да создаде поголема достапност на знаењето за пошироката јавност.
На 18 декември 2024 година, во просториите на ОУ „Димитар Миладинов“ во Скопје, се одржа тематска работилница под наслов „Запознајте ја Словенија“. Настанот беше организиран во соработка со Словенечкиот центар во Скопје. Во работилницата учествуваа 15 ученици од ОУ „Димитар Миладинов“ од Скопје, кои имаа можност не само да научат нешто повеќе за Словенија, туку и активно да придонесат за збогатување на содржините на Википедија.
Работилницата беше свечено отворена од заменик амбасадорот на Република Словенија во Македонија, г-ѓа Ника Ротар, која ги поздрави присутните и ја истакна важноста на ваквиот вид соработка меѓу двете земји. По него, кратко обраќање имаше и конзулот на Република Словенија г. Мартин Глажар, кој ја потенцираше културната и образовната вредност на настанот. Претседателот на Словенечкиот центар во Скопје, г-дин Сашо Стојковски, исто така одржа воведен говор, каде што ја нагласи улогата на центарот во промовирање на словенечката култура и јазик во Македонија. Свои обраќања имаа и извршната директорка на Викимедија МКД г-ѓа Снежана Штрковска и раководителката на секторот за јавни дејности во Општина Центар – Скопје г-ѓа Јагода Јанковска, како и директорката на ООУ “Димитар Миладинов” г-ѓа Марија Варсамис Симоновска.
По официјалните обраќања, учесниците преминаа кон вториот дел од работилницата, кој беше посветен на уредување и преведување статии на Википедија на македонски јазик. Темата на уредувањето беше словенечката кујна – една од најбогатите и најразновидните аспекти на словенечката култура. Во текот на работилницата, учесниците создадоа 22 нови статии, кои сега се достапни за македонската читателска публика.
Овој практичен дел од настанот не само што им овозможи на учесниците да ги развијат своите вештини за пишување и истражување, туку и да придонесат кон слободното знаење. Ваквиот тип на настани се од особена важност за македонската википедијанска заедница, бидејќи го поттикнуваат збогатувањето на локалната енциклопедија со квалитетни и релевантни содржини. Секој придонес, без оглед на неговата големина, е од непроценлива вредност за заедницата. Слободните информации кои се достапни за македонската читателска публика претставуваат големо богатство, кое ја зајакнува нашата култура и образование.
Атмосферата на настанот беше пријатна и инспиративна, а дел од таа енергија може да ја видите преку фотографскиот материјал. Овие моменти го прикажуваат ентузијазмот на учесниците и значењето на заедничката работа во создавањето на нешто што ќе остане трајно и вредно за сите нас.