По повод 10-годишнината од почетокот на теренските активности познати како викиекспедиции, во последниот викенд од април 2025 година беше организирана свечена изложба на фотографии и материјали собрани низ сите овие години. Настанот не само што беше потсетник за значењето на теренската работа во збогатување на слободната енциклопедија, туку послужи и како инспирација за идни активности.
Поттикнати од позитивната енергија и интересот за нови истражувања, тимот на википедијанци одлучи дека првиот викенд од мај ќе биде идеално време за да започне новата сезона на викиекспедиции за 2025 година. Овојпат, изборот падна на еден дел од Македонија кој досега не бил систематски документиран – Струмичката Котлина, односно руралните средини во овој крај. Така, на 3 и 4 мај 2025 година, тимот започна со првата викиекспедиција за оваа година, при што беа посетени бројни села и значајни објекти во регионот.
Во попладнивте часови на 2 мај, тимот се упати кон сместувањето во градот Струмица. Наредниот ден 3 мај тимот се упати кон првото село, а тоа беше Сушица, во која поминаа цел еден час, бидејќи селото имаше доста објекти за фотографирање. Покрај работите кои што беа познати, излезе точно тврдењето дека во селото постои и манастир, за кој имаше само еден извор со што тимот го потврди неговото постоење. По Сушица, следуваше селото Зубово и беа направени фотографии. Од таму википедијанците се упатија кон Ново село каде што беше фотографиран манастариот во близина на малото вештачко езеро. Потоа следуваа селата Барбарево и Самоилово. Од Самоилово тимот се упати кон селото Стиник. Во Стиник како времето да е застанато и малкуте жители одгледуваат свињи, што најверојатно е некоја карактеристика за самата планина Огражден, бидејќи и на беровска страна во селото Двориште има распространето одгледување на свињи.
Од Стиник википедијанците се вративја повторно на регионалниот пат, каде за кратко време беа во селото Бајково, каде се наоѓа и манастир „Св. Петар и Павле“. Кон крајот на денот, на тимот му остана и последното огражденско село, а тоа беше селото Бадолен. На враќање од селото, беше посетена и поранешната касарна на АРМ, која стои напуштена. На едно место, патот до селото се доближува до границата со Бугарија на само 2 километри. На крај беше посетено селото Ново Коњарево. каде тимот наиде на необичен објект, кој излезе дека е црква. По кратко време, мештанин кој дојде до црквата раскажа дека црквата не е осветена бидејќи градбата не била одобрена од црковните лица.
Вториот ден започна со незавршената мисија од претходниот ден, односно посета на сите села од општината Ново Село. Така, тимот започна во Старо Коњарево. Од ова село движејќи се во подножјето на планината Беласица беа посетени селата Дражево, а подоцна и Смолари. Потоа следуваа селата Мокрино, Мокриево, Колешино и Борисово, во кои тимот се задржа долго време поради бројните верски градби и училишта, како и други стопански и општествени градби. Особено беше карактеристично селото Колешино кое поседува бројни христијански градби од различните деноминации, како што се протестанти, адвентисти, како и Јеховини сведоци.
Од Колешино беа посетени селата во Општина Босилово. Штом википедијанците дојдоа во Бориево, веднаш приметија голема разлика во уредувањето на селата кај општината Ново Село со овие од општината Босилово, па така првите села се далеку поуредени и средени во споредба со вторите. Во Моноспитово, исто така, википедијанците се задржија подолго време поради големиот број верски објекти, слично како во Колешино. По Моноспитово следуваше селото Еднокуќево, а потоа и во општинското седиште Босилово, со што беше ставен крај на оваа експедиција.
Со фотографирани 20 нови села, документирани бројни верски и културни објекти, и поминати над 400 километри низ Источна Македонија, оваа викиекспедиција претставува уште еден значаен чекор во мисијата на википедијанците – да ги приближат и опфатат сите делови на Македонија, особено оние кои често се занемарени во медиумскиот и дигитален простор.
Посветеноста, љубопитноста и ентузијазмот на тимот уште еднаш покажаа дека со здружена волја и страст кон знаењето, дури и најоддалечените и заборавени места можат да добијат свое заслужено место на дигиталната карта на светот. Викиекспедицијата во Струмичката Котлина е само почеток на новата сезона, а тимот со нетрпение ги очекува следните предизвици – зашто секое село има своја приказна, а секоја приказна заслужува да биде раскажана.