Програмата „ГЛАМ“ на Викимедија МКД оваа година, како и изминатите, има тематски карактер. Активностите од оваа програма се посветени на подобрување на постоечката и создавање нови содржина на Википедија на македонски јазик и нејзините сродни проекти на тема „Клима и климатски промени“. Викимедија МКД ги следи актулените заложби на пошироката околина и светски движења и дава свој придонес кон глобалната цел на зададената тематика.
Викимедија МКД во соработка со Здружението „Вила Зора“ од Велес и Локалната библиотека „Гоце Делчев“ и ученици од Еколошката секција од ООУ „Васил Главинов” под раководство на координаторот Лили Арсова, во просториите на Локалната библиотека „Гоце Делчев” во Велес на 18.04.2024 година, со почеток во 10 и 30 часот се одржа предавање и работилница на тема „Клима и климатски промени”.
На самата работилницата, покрај членови и поддржувачи на Викимедија МКД, учествуваа и ученици од Вики клубот во Велес, како и членови на клубот Вики Сениор. На работилницата присутни беа вкупно 27 лица. Работилницата, која е дел од серијата настани и активности посветени на климатските промени, беше составена од теоретски дел на кој беа одржани предавања на темата, како и практичен дел посветен на активно придонесување на Википедија со преведување на статии за клима и климатски промени.
На работилницата воведно предавање одржа Олгица Наумоска, вработена во здружението „Вила Зора” која се осврна на климатските промени и нивната улога во екосистемот и начините за заштита на животната средина од климатските промени. По неа се обрати претседателката на здружението Сашка Коцевска која зборуваше за активностите на здружението во заштитата на животната средина. На крај се обрати Лили Арсова, член на извршниот одбор на Викимедија МКД која зборуваше за активностите на Викимедија МКД и спомна дека годишната ГЛАМ програма е темата „Клима и климатски промени” со цел подигање на свеста кај граѓаните.
По предавањата учесниците заеднички почнаа да уредуваат и придонесуваат на Википедија на македонски јазик на тема „Клима и климатски промени“. Вкупно се напишаа 36 статии од 14 уредници.
Ви пренесуваме дел од атмосферата на работилницата која беше доста продуктивна и едукативна.