Истражувањето и документирањето на локалната културна, верска и архитектонска историја претставува суштински дел од зачувувањето на колективната меморија на еден народ. Со таа цел, тимот на википедијанци, инспириран од потребата за збогатување на дигиталната ризница на знаења, се впушти во уште една теренска викиекспедиција, овојпат насочена кон еден помалку познат, но историски и културолошки мошне значаен предел во југозападниот дел на Македонија – Цапарско Поле, познато и како Ѓаваткол. Оваа област, која административно припаѓа на Општина Битола, крие мноштво села со богата историја, уникатна архитектура и духовно наследство што со текот на времето сè повеќе паѓа во заборав.
Во текот на третиот викенд од месец јуни (21-22 јуни), нашиот тим се реши да ја документира оваа област преку фотографии и записи од терен, со цел подетално претставување на овие села во рамки на Википедија. Целта беше не само да се регистрираат постојните културно-историски споменици, туку и да се долови духот на овие места – нивната сегашност, архитектонскиот карактер, религиските објекти, училиштата, и секако, природната убавина која ги опкружува.
Веќе околу 9 часот тимот беше во првото село Братин Дол, со што започна експедицијата. Движејќи се по стариот магистрален пат Битола-Ресен, тимот застана и кај мото-крос патеката Братин Дол каде има и мало вештачко езеро, за да ги фотографира со дрон. Првото село кое беше посетено беше Српци, каде што беа направени фотографии од главната селска црква, како и манастирот над селото. По Српци, следуваше Рамна каде што исто така беше фотографирана црквата над селото, која всушност се наоѓа на местото на некогашното старо село и се зачувани неколку куќи околу нејзе. Од селото беа направени и неколку фотографии од старите куќи, како и од задружниот дом. По Рамна, следуваше Лера, каде што беа фотографирани селската џамија, како и селското училиште. По Лера, следуваше Доленци. Следно беше селото Кажани, каде се наоѓаат бројни општествени објекти и поранешниот участок (полициска станица). Од Кажани тимот се упати кон Ѓавато, во кое беа фотографирани двете селски цркви.
Потоа беше посетено селото Маловиште, кое единствено влегува во рамките на националниот парк Пелистер. Тука беа фотографирани црквата „Св. Петка“ и манастирот „Св. Ана“ над селото. До манастирот води козја планинска патека и се стигнува за 30-тина минути од селото. По Маловиште, дојде на ред поранешниот општински центар, селото Цапари, каде исто така имаше повеќе цркви. Тука беа фотографирани црквата „Св. Атанасиј“, како и црквата „Св. Спас“.
Вториот ден тимот го започна со посета на Ротино. Откако тука беа посетени и фотографирани селските цркви, следуваше селото Магарево, во кое беа фотографирани селската и манастирската црква. По Магарево, следуваа селата: Трново, Нижеполе и Дихово. По овие потпелистерски села википедијанците се упатија кон селото Крстоар, од кое имаа само неколку фотографии од селската црква и од манастирот во склоп на велоекспедиција спроведена во 2018 година, но не беше целосно посетено. Од манастирот над Крстоар води и патот за манастирот на селото Буково, и манастирот е доста уреден, како и претходниот Крстоарски манастир. Потоа следеше селото Орехово, каде што беа фотографирани селската црква и самото сретсело, како и поранешното училиште.
Како на крај на оваа експедиција, беа посетени селата сместени веднаш до градот Битола, Горно Оризари и Раштани, како и местото каде што се наоѓало Битолското кале и каде се забележуваат основите на некогашната црква „Пресвета Богородица“, која била навистина голема. Од неа беа направени одлични дронски фотографии, а таму тимот направи и групна фотографија, со што ја заврши оваа експедиција.
Со оваа дводневна теренска акција, тимот на википедијанци успеа да посети и фотографира вкупно 15 нови села, како и да ја обнови документацијата за уште четири села кои претходно биле површно обработени. Притоа беа поминати над 600 километри, снимени десетици фотографии од значајни локации – цркви, манастири, џамии, училишта, заеднички домови, па дури и остатоци од средновековни утврдувања. Секоја фотографија и секоја белешка претставува мал, но вреден чекор кон заштитата и промоцијата на ова непроценливо локално наследство.
Освен што ги збогатија содржините на Википедија, овие теренски посети придонесоа и за подигнување на свеста за значењето на овие села и потребата од нивна подобра заштита, валоризација и, секако, повторно оживување. Истовремено, овие експедиции ја нагласуваат улогата што дигиталната заедница може да ја одигра во процесот на зачувување на културното наследство – преку волонтерска работа, љубопитност и чувство на одговорност кон минатото.
Со исполнети срца, нови сознанија и богата фото-документација, тимот успешно ја заврши оваа експедиција, оставајќи зад себе уште една мапирана трага од македонската историја на дигиталната платформа што ѝ припаѓа на целата планета.