Уредувачка седмица „Риби“- нови статии, нови награди

Уредувачките маратони што ги организира Викимедија МКД претставуваат континуирана активност насочена кон збогатување, унапредување и одржување на слободното знаење на македонски јазик. Преку овие тематски настани, уредувачите имаат можност да се фокусираат на конкретни области, да ја прошират постојната содржина и да создадат нови, квалитетни енциклопедиски статии, засновани на проверливи и релевантни извори.

Уредувачката седмица на тема Риби беше посветена на една значајна и обемна област од природните науки, со цел да се зголеми застапеноста и квалитетот на статиите поврзани со рибите, нивната класификација, биолошки карактеристики, живеалишта, распространетост и значење во екосистемите. Уредувачката седмица се одржуваше од од 21 до 27 ноември 2025 година. Во текот на натпреварот, учесниците активно работеа на создавање нови статии, како и на дополнување и подобрување на веќе постоечки содржини, при што особено внимание беше посветено на енциклопедискиот стил, јасноста и точноста на информациите.

На натпреварот учествуваа вкупно 27 корисници и беа напишани 315 статии. Учесниците уште еднаш покажаа висок степен на посветеност и мотивација за придонес кон развојот на Википедија на македонски јазик. Ваквите уредувачки маратони не само што го зголемуваат бројот на статии, туку и придонесуваат кон зајакнување на уредувачката заедница и поттикнување на нови уредници да се вклучат во создавањето слободна содржина.

Во рамки на уредувачката седмица беа доделени награди за најуспешните учесници, согласно однапред утврдените правила и критериуми за учество и оценување на придонесите:

  • Прва награда: Тиверополник – купон во вредност од 4.000 денари.
  • Втора награда: Pitikjp22 -купон во вредност од 3.000 денари.
  • Трета награда: Dandarmkd – купон во вредност од 2.000 денари.

Викимедија МКД упатува искрена благодарност до сите учесници кои зедоа учество во уредувачката седмица и со својот труд придонесоа кон збогатување на слободното знаење. Воедно, ги охрабруваме сите уредници и заинтересирани поединци да продолжат да се вклучуваат во идните уредувачки маратони и активности, со цел заеднички да ја развиваме и унапредуваме Википедија на македонски јазик.