Викимедија МКД постојано организира уредувачки маратони со цел да ја зголеми слободната содржина на македонски јазик. Со различни теми, но со иста цел, уредувачките натпревари и маратони даваат и различни можности за добивање награди на учесниците кои се пројавиле. Овој пат, Викимедија МКД организира уредувачка седмица на тема „Управување со отпад“. Потфатот е дел од меѓународната иницијатива „Вики за човековите права 2025“.
Уредувачката седмица „Управување со отпад“ се одржува од 2 јуни 2025 година и завршува на 8 јуни 2025 година. Сите статии треба да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии треба да бидат напишани на енциклопедиски стил и да бидат поткрепени со соодветни извори. При уредување на натпреварот, или по завршувањето на истиот, сите учесници треба да си го запишат своето корисничко име на проектната страница, заедно со статиите кои ги напишале. Покрај пишувањето на нови статии, учесниците имаат можност и значајно да надополнат некоја постоечка статија.
Во натпреварот имаат можност да учествуваат сите регистрирани корисници на Википедија на македонски јазик, а за најдобрите учесници се обезбедени награди.
Награди ќе им бидат доделени на тројцата најплодотворни учесници во облик на вредносни купони, и тоа:
- Прва награда: купон во вредност од 4.000 денари.
- Втора награда: купон во вредност од 3.000 денари.
- Трета награда: купон во вредност од 2.000 денари.
За да се освои било која награда, потребно е да се создадат или подобрат најмалку 20 статии!
Ве повикуваме да се вклучите и да дадете свој придонес кон збогатување на слободното знаење за една од најважните теми поврзани со заштитата на животната средина. Преку вашето учество во уредувачката седмица „Управување со отпад“, не само што ќе помогнете во информирањето на јавноста, туку ќе имате и можност да освоите награда за вашиот труд. Уредувајте, натпреварувајте се и инспирирајте други! Заедно создаваме подобра и поодржлива иднина – преку слободното знаење!