Со редовното организирање на уредувачки натпревари и маратони, Викимедија МКД постојано создава нови и возбудливи можности за збогатување на Википедија на македонски јазик. Овие програмски активности не само што придонесуваат кон зголемување на слободната содржина на македонски јазик, туку и ја поттикнуваат заедницата на уредници да биде покреативна, поангажирана и посветена на споделувањето на знаење со пошироката јавност.
Темите на уредувачките настани се разни, но секогаш ја носат истата цел — создавање квалитетна и веродостојна содржина достапна за секого. Освен тоа, овие настани често нудат дополнителна мотивација за учесниците преку награди, признанија и заедничка прослава на придонесите.
По повод Меѓународниот ден на џезот — 30 април, Викимедија МКД организираше еднодневен уредувачки маратон на тема „Џез“. Настанот беше отворен за сите корисници на Википедија на македонски јазик, кои беа поканети да учествуваат со пишување и подобрување на статии поврзани со џез-музиката.
Во текот на маратонот, вкупно 24 уредници се приклучија и напишаа 26 нови статии на македонски јазик. Темите опфатија музичари, албуми, стилови, фестивали и значајни моменти од историјата на џезот. Како дополнителен поттик, Викимедија МКД обезбеди награда која беше доделена по случаен избор на еден од учесниците. Извлекувањето на добитникот се одржа на 6 мај 2025 година и беше пренесувано во живо преку официјалниот инстаграм профил на Викимедија МКД. Добитникот на награда бежичен звучник е Viksi123 со статијата Фулано (бенд).
Со ваквите настани, Викимедија МКД не само што ја збогатува содржината на Википедија на македонски јазик, туку и ја зацврстува заедницата, поттикнувајќи активно учество, креативност и вреднување на волонтерскиот придонес. Честитки до сите учесници за нивниот придонес и посветеност и честитки до добитникот на награда.