Викимедија МКД континуирано работи на збогатување на содржините на Википедија на македонски јазик преку организирање уредувачки маратони, натпревари и работилници на најразлични теми. Овие активности имаат за цел да ги поттикнат и мотивираат постоечките и новите уредувачи да создаваат и подобруваат статии со висок квалитет, да истражуваат, да се поврзуваат и да придонесуваат кон слободното знаење достапно за сите.
Еден од ваквите настани беше и уредувачкиот натпревар на тема „Хемиски елементи и изотопи“ , кој понуди можност за продлабочување на содржините од областа на хемијата, но и за ангажирање на заедницата во создавање енциклопедиски материјали со научна тематика. Натпреварот се одржуваше од 10 февруари 2025 година до 9 март 2025 година.
Главна тема на натпреварот беа хемиските елементи и нивните изотопи. Сите статии требаше да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии требаше да бидат напишани на енциклопедиски стил и да имаат извори. При уредување на натпреварот или по завршувањето на истиот, сите учесници исто така требаше да се запишат со кои статии учествувале. Статиите ги прегледуваше Оценувачкиот одбор, кое беше составено од тројца википедијанци кои не можеа да учествуваат на натпреварот.
Наградите за овој натпревар се вредносни купони, а за да се освоеше било која награда, потребно беше да се создадат или подобрат најмалку 25 статии оценети со просечна оценка од најмалку 2,0 од страна на членовите на Оценувачкиот одбор. Вкупно учествуваа 9 корисници и беа напишани 252 статии. Па така, добитниците на награди се следниве:
- Прва награда: купон во вредност од 12.000 македонски денари – Тиверополник
- Втора награда: купон во вредност од 6.000 македонски денари – P.Nedelkovski
- Трета награда: купон во вредност од 3.000 македонски денари – Lili Arsova
Покрај овие три награди, овој уредувачки натпревар ги предвидуваше и следниве награди:
- Награда за најдобра статија – вредносен купон во висина од 5.000 денари- „Проширен периоден систем“ од Тиверополник
- Награда најдобар нов учесник – вредносен купон во висина од 2.000 денари – наградата не е доделена
Со овој натпревар, Викимедија МКД продолжува да го поттикнува интересот за научни теми и активно да ја збогатува Википедија со квалитетни и проверени информации. Честитки до сите учесници за нивниот придонес и посветеност, и се радуваме на следните уредувачки предизвици!