Успешно завршена кампањата „Статии без илустрација 2025“

Кампањата Статии без илустрација претставува дел од една од најзначајните глобални иницијативи на Викимедија за унапредување на визуелната претстава во содржините на Википедија. Иако платформата постојано се надградува со нови и квалитетни текстови, многу статии остануваат без соодветна илустрација – што го отежнува нивното разбирање и визуелно доживување. Токму затоа, оваа кампања има цел да го намали овој јаз, поттикнувајќи активни уредувачи да внесуваат релевантни слики и фотографии во постоечки статии.

Илјадници фотографии се достапни на Заедничката ризница, поставени преку бројни ГЛАМ проекти, институционални соработки и фотографски натпревари што се одржувале низ годините. Овие визуелни материјали се вистински ресурс кој заслужува да биде правилно искористен. Преку внимателен избор и вметнување на илустрации во соодветни статии, се подобрува не само нивниот изглед туку и нивната едукативна и информативна вредност.

Викимедија МКД и оваа година им овозможи на уредувачите да дадат свој придонес во рамки на кампањата и воедно да освојат награди. Кампањата се одржа од 1 јули до 31 август 2025 година, со јасно утврдени критериуми за учество и бодување.

Награди беа предвидени за највредните учесници кои имаа поставено илустрација на најмалку 100 различни постоечки статии на Википедија на македонски јазик. Секоја валидно илустрирана статија носеше еден поен, независно од бројот на слики вметнати во неа. Не се земаа предвид новосоздадени статии создадени само за целите на кампањата. Учесниците можеа да користат неограничен број фотографии, под услов тие да се со слободна лиценца или во јавна сопственост. При секое зачувување на измена, задолжително се вклучуваше ознаката #WPWPMK, како и на самата статија.

По завршувањето на кампањата, со гордост ги објавуваме добитниците на наградите.

Првата награда-  Тиверполник758  валидни илустрации- вредносен купон во износ од 12.000 денари.

Втората награда беше доделена на четворица корисници кои исто така остварија значителен број придонеси:

  • Marco Mitrovich321 валидни илустрации- вредносен купон во износ од 6.000 денари
  • Chnitke296 валидни илустрации – вредносен купон во износ од 6.000 денари
  • P.Nedelkovski  – 189 валидни илустрации – вредносен купон во износ од 6.000 денари
  • Bojan9Spasovski183 валидни илустрации – вредносен купон во износ од 6.000 денари

Вкупно учествуваа 12 уредници, а беа поставени 1985 валидни илустрации во статии на Википедија на македонски јазик.

Викимедија МКД упатува искрена благодарност до сите учесници кои со својата посветеност, време и енергија придонесоа за подобрување на слободното знаење. Кампањата „Статии без илустрации“ уште еднаш потврди дека заедничкото вложување и ангажман можат да резултираат со видливи и вредни промени.

Ова не е само уште една натпреварувачка активност – ова е заеднички напор да се направи Википедија поинформативна, поразбирлива и повизуелна. Со секоја нова фотографија, со секоја нова илустрација, се гради поцелосна слика на слободното знаење – достапно за сите.