„Фотографирање на историјата“ – Викиекспедиција во Струшко

Викиекспедициите се теренски активности организирани од волонтери на Википедија и сродните проекти, со цел да се истражуваат и документираат различни подрачја од Македонија. Овие експедиции претставуваат важен спој меѓу теренското истражување, културолошката евиденција и дигиталното волонтерство, преку кои на јавноста ѝ се овозможува пристап до точни, ажурирани и визуелно богати информации за населените места, историските објекти, верските храмови, природните реткости и локалната архитектура.

Идејата зад овие експедиции е не само да се создаде и збогати енциклопедиска содржина на Википедија и нејзините сестрински проекти, туку и да се придонесе кон зачувување на културното наследство преку дигитална документација, особено на објекти и места кои често се изоставени од јавниот фокус или се недоволно истражени.

По официјалното завршување на летните активности во рамки на викиекспедициите во август 2025 година, дел од учесниците одлучија да го искористат викендот пред големиот празник Голема Богородица (23-24 август) за третата викиекспедиција за 2025 година, овој пат на територијата на Струшко Поле и околните планински села на масивот Караорман. Оваа теренска експедиција имаше за цел дополнително да се обработи општина Струга, која првпат беше посетена во рамки на викиекспедиција во 2018 година.

Во попладневните часови на 22 август, петок, тимот на википедијанци пристигна во Струга, каде што беше организирано сместувањето за дводневната работа на терен.

Поглед на главната манастирска црква „Рождество на Пресвета Богородица“ кај Калишта

Првиот ден од експедицијата започна со посетата на селото Калишта, кое претходно беше вклучено во експедицијата во Дримкол во 2018 година. Сепак, поради ограниченоста на таа претходна посета, овојпат селото беше подетално документирано, вклучително и сите цркви, како и викенд-населбата Елен Камен, каде се наоѓа пештерната црква „Св. Атанасиј“. Потоа беше посетено селото Радожда, познато по своите бројни црковни објекти. За жал, и покрај обидите, не беше пронајдена една од црквите која според податоците се наоѓа над селото, па нејзината документираност ќе остане за некоја идна прилика.

По Радожда, експедицијата продолжи кон селото Мали Влај, сместено веднаш под граничниот премин „Ќафасан“. Иако претходно постоеја податоци за повеќе цркви, на терен беа забележани помалку од очекуваното, а отсуството на мештани дополнително го отежна истражувањето. Следуваа кратки посети на селата Франгово и Радолишта. Во последното беа документирани бројни објекти, меѓу кои училиште, џамија, турбе и археолошки локалитет со ранохристијанска базилика, која беше фотографирана од воздух со дрон.

Воздушен поглед на базиликата кај Радолишта

Во продолжение беа посетени и селата Шум и Заграчани, а потоа и Долна Белица, која исто така беше вклучена во експедицијата во 2018 година. Две од трите цркви тогаш не беа документирани, па сега повторно беа побарани. Успешно беше пронајдена една од нив, кај која се наоѓаат и селските гробишта, како и споменик на загинати австро-унгарски војници — објект што за првпат се регистрира во рамките на нашите истражувања.

Понатамошните посети опфатија неколку села на јужниот дел од Струшко Поле: Добовјани, Ташмаруништа, Горно и Долно Татеши и Поум. Во Ташмаруништа, поради почетокот на дождот, беше оневозможено целосно документирање на сите цркви. Времето остана нестабилно и при посетата на селата Татеши, каде сепак се овозможи фотографирање. Денот заврши со посета на селата Џепин и Корошишта, по што учесниците пристигнаа во селото Рамне, каде беа гости во селското домаќинство „Пирустија Неданоски“.

Вториот ден започна со Мислешево, каде имаше отворена пекарница. Следеа кратки, но ефикасни посети на селата Мороишта и Драслајца, каде објектите беа добро означени. Во селото Ливада беше регистрирана и фотографирана една стара кула, налик на куќа, покрај останатите објекти. Во Биџево имаше кратка недоразбирање со мештани околу користењето на дрон, кое брзо беше разрешено, по што продолжи документирањето. Следеше посета на селото Ложани, каде поради бројот на верски објекти, екипата се задржа подолго. По дополнително фотографирање на џамијата во Биџево, се продолжи кон Ново Село, уште едно во низата села со тој назив.

Кула во селото Ливада

Со тоа беше завршено истражувањето во Струшко Поле и екипата се упати кон планинските села на Караорман. Најпрвин беше забележано напуштеното село Тоска, а потоа беше посетено селото Богојци. Во Брчево, каде тимот се задржа најдолго, прво неуспешно се обиде да ја пронајде црквата „Св. Димитриј“, која беше означена на погрешна локација. По разговор со мештани, беше откриена точната местоположба, а исто така беше посетен и новоизградениот параклис „Св. Петка“.

Потоа беше посетено селото Мислодежда, а потоа експедицијата се насочи кон областа Малесија, започнувајќи со селото Присовјани. Таму беа фотографирани три цркви, од кои една немаше претходна визуелна документација. Селото беше сликано и со дрон. Следуваа селата Збажди и ’Ржаново, до кои се стигна по земјен пат со отежнати делници. Во двете села беше направена фотографска документација со дрон, а со тоа официјално заврши теренската работа. Денот заврши со вечера во ресторанот „Куќата на Мијаците“.

Глисер во Охридското Езеро

Со документирани 27 нови села и три повторно посетени, како и повеќе десетици верски, културни и историски објекти, оваа дводневна експедиција претставува значаен придонес во документирањето на Струшко Поле и планинските села на Караорман. Поминати беа над 600 километри, фотографирани објекти за кои не постоеше претходна документација и ажурирани постоечки податоци.

Оваа теренска активност уште еднаш потврди колку е важна улогата на волонтерските викиекспедиции во зачувување и пренесување на локалното знаење преку слободни и јавни платформи. Воедно, покажа дека со ентузијазам, тимска работа и упорност, може да се постигне многу во насока на дигитална архива на културното наследство на Македонија.