„Фотолов“ – уште една можност за придонесување

Ќе посетите некој концерт, изложба или фестивал? Сакате да споделите фотографии од настанот за образовно-информативни цели? Фотолов е проект токму за вас!

Што е „Фотолов“?

„Фотолов 2024“ e проект наменет за поединци и групи заинтересирани да организираат посета на место или настан со цел да создадат фотографии коишто би ги објавиле под лиценца за слободна документација за да може да се користат на проектите на Викимедија. Важно е содржините да содржат точни описи и подоцна истите да бидат употребени во статии на Википедија на македонски јазик.

Како да учествувате?

Секој кој е заинтересиран да спроведе фотолов потребно е да поднесе предлог во полето „Назив на предлогот“ или со пополнување на следниот Формулар за пријавување. Предложувачот треба јасно да ги претстави своите планови, образложувајќи кој настан ќе го фотографира, со кое превозно средство ќе патува (доколку е ова важно), колку време ќе трае потфатот (дали е еднодневен и неколкучасовен настан или трае повеќе дена), колку членови ќе учествуваат во екипата (ако ги има) и колкави се проценетите трошоци. Заинтересираниот поединец или група ќе треба да ја најави својата намера за одење на фотолов најмалку 7 дена пред тргнувањето. Врз основа на содржината на барањето, заедницата ќе донесе одлука за тоа дали предлогот треба да биде одобрен. Сите фотографски материјали под лиценца за слободна документација да бидат подигнати на Заедничката ризница.

 

Имам трошоци?

Право на надомест за направените трошоци за време на фотоловот има секој предлагач на фотолов одобрен од страна на заедницата на Википедија на македонски јазик. Трошоците што подлежат на надомест вклучуваат: патни трошоци, трошоци за локален превоз, трошоци за храна и пијалаци доколку е настан што трае повеќе дена, и трошоци за влезници, сето ова во висина до 4.000 денари, под услов да има подигнато најмалку 30 фотографски записи и да се приложат соодветни докази за трошоци.

Викимедија МКД ви овозможува преку забава да документирате настани за корист на општата читателска публика!