Викиекспедициите се теренски активности на заедницата на македонските википедијанци чија цел е документрање на природното, културното и историското наследство на различни подрачја низ Македонија. Преку фотографирање, собирање податоци и разговори со локалното население, учесниците создаваат оригинална содржина што подоцна се користи за збогатување на статиите на Википедија. На овој начин, проектот придонесува кон зачувување на културната меморија и поголема видливост на помалку познатите делови на државата.
Во октомври нашиот тим на википедијанци ја реализираше својата четврта теренска експедиција, овојпат посветена на областите Козјачија и Средорек во Општина Старо Нагоричане. Поради близината на регионот до Скопје, тимот одлучи експедицијата да ја организира во две еднодневни посети – на 11 и 23 октомври, искористувајќи ги државните празници. Целта беше да се документираат селата кои не биле опфатени во претходните експедиции, како и да се дополнат податоците за културното наследство, инфраструктурата и природните карактеристики на овој крај.
Прв дел – 11 октомври
Првиот ден започна со посета на селата околу Кокино. Иако времето беше неповолно и со врнежи, тимот успеа да го реализира поголемиот дел од планираната маршрута. Прво беа документирани објекти во околината на Драгоманце, Челопек и Старо Нагоричане, каде беа направени дронски фотографии од теренот. Потоа следуваа посетите на Добрача каде се наоѓаше црквата „Св. Троица“, позната по украсената фасада.

Тимот продолжи кон Жегљане, Малотино, Кокино и Рамно, каде беа документирани неколку стари училишта, споменици од НОБ и урнати цркви, меѓу кои и срушената црква „Св. Никола“. Во текот на денот беа направени и снимки од селата Цветишница, Буковљане и М’гленце, иако поради ниските облаци и врнежите дел од материјалот беше ограничен.
Во завршницата на првиот дел беа посетени и селата Челопек, Коинце, Алгуња, Враготурце и Пелинце. Беа регистрирани неколку верски објекти, меѓу кои и црквите „Св. Ѓорѓи“, „Св. Петка“ и „Св. Недела“. Денот заврши во Куманово, каде тимот ја заокружи успешната празнична експедиција.
Втор дел – 23 октомври
Вториот дел на експедицијата, реализиран на 23 октомври, беше насочен кон селата долж државниот пат А2 и источниот дел на општината. Иако временските услови повторно беа променливи, тимот успеа да изврши целосна теренска документација.
Посетата започна со селата Војник и Стрезовце, каде беа направени дронски фотографии и беше идентификуван „Шупливиот Камен на Крале Марко“. Потоа следуваа Облавце и Руѓинце, каде беа регистрирани повеќе јавни објекти, меѓу кои училишта и цркви. При снимањето во Руѓинце имаше и инцидент со оштетување на една дронска перка, но активностите продолжија без прекин.

Во селото Орах беа документирани споменици од НОБ и уникатната црква „Св. Никола и Св. Ѓорѓи“,со два влеза и посветена на двата светци. Црквата претставува заштитено културно наследство на Македонија. Тимот го посети и Карпинскиот манастир, каде беше направена пауза и беше воспоставен пријателски контакт со локалните жители.
Во завршниот дел беа посетени селата Макреш, Канарево, Цвиланце и Бајловце. Во Бајловце беа регистрирани неколку интересни локации, меѓу кои црквата „Св. Димитриј“ и необичниот верски комплекс „Св. Троица“, познат по локалните преданија за лековити камења и лековита вода.
Исход
Со вкупно 16 ново фотографирани села, 6 повторно посетени населени места и поминати над 400 километри тимот имаше одлична викиекспедиција. Собраните фотографии, дронски снимки и белешки ќе придонесат кон збогатување на содржините на Википедија на македонски јазик, со цел подобра видливост и зачувување на културното и природното наследство на североисточна Македонија.
Така, чекор по чекор, нашиот тим на википедијанци ја испишува современата карта на Македонија – со фотографии, факти и приказни од секој нејзин крај.
Фотографскиот материјал од викиекспедицијата можете да го погледнете на следнава врска.