Викимедија МКД продолжува со реализација на нови програми, понуда на нов едукативен материјал и слободни содржини за македонската публика. Преку својот проект „Викиекспедиции“, Викимедија МКД истражува, документира и енциклопедиски презентира места и локалитети од сите делови на Македонија.
Оваа година во периодот од 26 до 28 април 2024 година тимот на Викимедија МКД ја одржа својата прва викиекспедиција за 2024. Штипската околина, со своите преубави села, природни убавини и историско-културни споменици беше мета на нашите истражувачи кои собраа голем број податоци, фотографии и видео записи. Тимот составен од пет члена, Википедијанци и членови на Викимедија МКД, својот истражувачки поход го започнаа со сместување во Свети Николе, како најпогодно место за целите на истражувањето.
Првиот ден започна со посета на градот Штип. По краткиот престој тимот набрзо се упати кон најоддалеченото село во општината, село Брест. По фотографирањето на локалниот манастир и месноста Пилав Тепе, тимот се упати кон документирање на историското село Ново Село. Понатака, екипата се упати кон селото Горачино, но и селото Танатарци. По документирањето на овие села, истражувачите се упатија кон селото Патрик, кое е историско село, а потоа и селото Пиперево кое е сместено на Серта. Документирањето продолжи со сликање, снимање и собирање на податоци на селата Лесковица, Суво грло, Степанци, Балталија, Лакавица, Пухче, Селце, Драгоево, Пенуш и на крај на денот селото Софилари.
По помината ноќ во Свети Николе, тимот продолжи со истражување на спротивната страна – Плачковица. Првото село од следниот ден кое беше снимено и забележано од камерите беше селото Шашаварлија, а потоа следни за соодветен видео и фотографски запис беа селата Никоман, Калапетровци, Кошево и кањонот Камник. Експедицијата продолжи кон селата Почивало, Стар Караорман, Чардаклија, Судик, Врсаково, историското село Крњевци, Долани, Љуботен, Чифлик и на крај Липов Дол
Експедицијата, како и минатите, беше продуктивна и голем број материјали беа собрани за селата од овој регион. Со посетени 30 села, 2 историски села и поминати 600 километри пат, тимот детално и сеопфатно открива на нашата заедница уште едно парче убавина и историско-културна целина на Македонија.